Oваа мерка спаси 1,3 милиони работни места во Австрија

52

Откако почна ширењето на коронавирусот во светот поради кој економиите на земјите почнаа да се затвораат, почна да расте и невработеноста.

Оваа земја во голем дел живее од туризам, којшто во моментов е исклучително погоден. Министерката за труд на Aвстрија, Кристин Ашбахер пренесе прецизни информации, поточно 503.494 лица се невработени, 46.168 се на дообразување, а околу 1,3 милиони се пријавени на скратено работно време.

Сега, на средина од месец мај има 39.000 помалку невработени во однос на средината на април, но Австрија секако трпи големи последици од корона ударот. Секако, како што е очекувано, работната сила е прво ангажирана во градежништвото, односно во работењето на отворено.

Оваа земја неколку недели беше во агонија, бидејќи до средината на минатиот месец бележеше постојан раст на невработените лица. Сега кога попуштаат мерките, економијата постепено се отвора. Меѓутоа, споредено со истиот период од 2019 година се забележуваат 189.000 повеќе невработени.

Покрај туризмот, особено е погодена и трговијата. Од 15-ти мај е најавен почеток на курсеви за дообразување на невработените бидејќи, како што вели Ашбахер, важно е да се избори за секое работно место.

Австријците за време на кризата заклучиле дека скратеното работно време е добар инструмент да се намали ризикот во работата, а да се сочуваат работните места и плати. Според изјавата на министерката за труд, само во туризмот и угостителството, со помош на скратеното работно време, сочувани се 100.000 работни места, а во трговијата 24.000 работни места.

Фото: Pixabay