Оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка на енергетски план поради состојбата во Украина, вели Мицкоски

42

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека претстојната зима ќе биде предизвикувачка во делот на енергетиката затоа што очекува зголемување на цената на електричната енергија на берзите во Европа поради случувањата во Украина.

Вели дека како држава сме подготвени и дека ќе одговориме на сите предизвици.

– Имам чувство дека оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка не поради температурите, туку поради состојбата што се случува во Украина каде комплетно е уништен електроенергетскиот систем и Украина влече енергија од Европа што значи дека тоа ќе ја зголеми цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината, така што ние мораме да бидеме подготвени, нагласи Мицкоски, додавајќи дека очекува енергетска криза во одредена смисла во Европа.

Мицкоски уверува дека работњето во АД ЕСМ е нормализирано иако компанијата наследила долг од пет милијарди денари и најави дека многу скоро ќе има одговорност за оние што ја оставиле компанијата во таква состојба.