Овие четири европски земји ќе почнат да го враќаат животот во нормала

307

Некои европски земји претпазливо ги најавија плановите за укинување  на мерките за ограничувања коишто се воведени поради коронавирусот. Тие се обидуваат да го вратат  нормалниот живот  еден месец по сериозните ограничувања.

СЗО во март објави дека Европа е епицентарот на глобалната епидемија, а Шпанија, Италија, Франција и Германија пријавиле повеќе од 100.000 случаи на вирусот досега.

Сепак, некои помали земји објавија намален број на инфицирани и смртни случаи во последниве денови. Австрија, Чешка, Данска и Норвешка најавија дека полека ќе ги олеснат ограничувањата, подоцна овој месец.

Австрија

Австрија предложи повторно отворање на некои продавници од 14 април.
“Реагиравме побрзо и построго отколку во другите земји и затоа можевме да го избегнеме најлошото. Но, оваа брза и рестриктивна реакција сега ни дава можност побрзо да излеземе од кризата, рече канцеларот Себастијан Курц во понеделникот.
Тој додаде дека следната недела ќе биде клучна. Австрискиот канцелар рече дека планот е да се отворат сите продавници од 1 мај.

Сепак, само еден клиент ќе може да биде на простор од 20 квадратни метри, а сите клиенти ќе треба да носат маски за лице во супермаркетите и аптеките со големина над 400 квадратни метри. Курц рече дека рестораните и хотелите нема да се отворат до средината на следниот месец најрано, а јавните настани нема да бидат дозволени барем до крајот на јуни.

Данска

Во Данска, центрите за грижа и училиштата повторно се отвораат од 15 април, дозволувајќи им на родителите да се вратат во нивниот нормален работен ден. Сепак, сите преостанати ограничувања, вклучително и забрани за јавни собири на повеќе од 10 лица, ќе останат во сила уште четири недели.

“Ова веројатно ќе биде малку како одење по жица. Ако застанеме на патот, би можеле да паднеме, и ако одиме премногу брзо може да тргне наопаку. Затоа, ние мора да направиме еден  по еден претпазлив чекор“, рече премиерката Мете Фредериксен на брифингот за медиуми оваа недела.
Бројот на  заразени случаи на коронавирус и смртни случаи се стабилизира во нордиската земја во последните неколку дена, но премиерката предупреди дека постепеното отворање ќе продолжи само доколку граѓаните се придржуваат кон упатствата на владата.

Норвешка

Норвешка, исто така, ги објави плановите за постепено олеснување на ограничувањата, со отворање на градинки меѓу 20 и 27 април. Училиштата од прво до четврто одделение  ќе се отворат од 27 април.

“Заедно ја презедовме контролата врз вирусот, па малку по малку можеме да го отвориме општество“, рече премиерката Ерна Солберг на прес-конференцијата во вторникот.

Земјата, која моментно има ограничувања до 13 април, ги затвори градинките и училиштата и забрани влез на странци кои не живеат или работат во Норвешка.

Солберг предупреди дека додека се преземаат мерки за постепено повторно отворање, работата ќе се извршува од дома, а Норвежаните треба да се навикнат на мерките наменети за ограничување на ширењето на вирусот “за подолг период“.

Чешка

Чешка беше една од првите европски земји што воведе мерки за затворање на почетокот на март, дури и пред бројот на зарази на национално ниво да надмине 200.

“Сега јасно кажуваме дека можеме да управуваме со пандемијата релативно добро, а не пандемијата да нè управува нас“, рече министерот за здравство Адам Војтех.

До средата, Чешка објави дека повеќе од 5.000 лица се заразиле со Ковид-19, а има 88 смртни случаи.

Фото:Pixabay