Овие работи секогаш треба да ги имате во автомобилот во зима

78

Секој возач треба да се грижи за состојбата на својот автомобил, особено ако се подготвува за некоја долга релација или возење во зимски услови.

Добро е да се знае дека, освен задолжителната зимска опрема што возачите мора да ја имаат во автомобилот од 15-ти ноември до 15-ти март, треба да ги имаат и овие работи за да бидат безгрижни додека патуваат.

Кабли за стартување на автомобилот – ако патувате на подолг пат, најверојатно претходно сте го прегледале возилото, но никогаш не е на одмет да имате кабли со коишто ако вашиот автомобил не може да запали, може да го стартувате со помош на акумулатор од друго возило.

Четка за чистење снег – снегот не би требало да не изненади во текот на зимските месеци, па затоа и да нема најава за снег би требало во возилото да имате една четка за чистење. Се знае дека чистењето снег од автомобилот бара многу време и е неопходно за безбедно возење, затоа имајте ја при рака четката секогаш.

Ламба на батерии – овие ламби овозможуваат извор на светлина на батерии во секое време. Можат лесно да се најдат на пазарите, не се воопшто скапи, а можат да ви затребаат навечер, ако треба да ја отворите хаубата на возилото или да прегледате некој дел што е на непрегледно место.

Полнач за телефон – овој додаток е наше секојдневие, знаејќи дека батериите на паметните телефони брзо се празнат. Некои понови модели на автомобили имаат вграден полнач, но доколку немате таков, понесете си полнач што се вклучува во запалката во автомобилот. И во ситуации кога би останало возилото во дефект или за некоја друга потреба, ќе имате полна батерија на телефонот за да се јавите и да побарате помош.

Вода и полн резервоар – без овие две течности не тргнувајте на пат. Имајте доволно количина на вода за пиење, но и за потребите во автомобилот. Се случувало да има застој на патиштата поради снежни наноси, сообраќајна несреќа или работа на патот, па да се создадат неколкукилометарски колони. За да бидете сигурни дека имате доволно гориво, не тргнувајте на пат без да наточите доволно бензин, плин, нафта, метан…

Фото: Pexels