Најсовремена фабрика за производство на висококвалитетна заштитна облека, со површина од 2.500 метри квадратни, ќе биде изградена во општина Илинден на плац од 7.239 метри квадратни. Денес, со поставување камен темелник, свечено беше означен стартот на изградбатa на фабриката VPTEX Македонија. Инвестицијата е вредна 2 милиони евра, а на почетокот, кога производствените капацитети ќе бидат ставени во функција, ќе се вработат околу 180 лица.
„Оваа инвестиција за нас е од големо значење. Со неа се отвора еднанова фаза од функционирањето на холандската компанија Ван Пајнброк Текстил во Македонија. Предноста на VPTEX е што зад себе има традиција од речиси 150 години, а во Македонија е присутна повеќе од 40 година“, изјави Драгана Јакимовска менаџер на VPTEX во Македонија.
За холандскиот инвеститор, директорот на Ван Пајнброк Текстил, Хјуб Зехвелд, пресудна одлука да се почне со изградба на производствен погон биле добрите услови за инвестирање.
„Добрите услови за инвестирање, локација блиску до аеродромот и до главниот град, ни овозможуваат да изградиме капацитет каде веќе однапред е договорен пласман на производите. Нашата компанија во Македонија е ориентирана 100% на извоз на европскиот пазар, пред сé во земјите на Бенелукс. Новиот производен објект ќе биде оспособен брзо да се прилагодува на променливите барања на европските пазари“, истакна Зехвелд.
Се очекува изградбата на фабриката да заврши следното лето.