Пад на азиските берзи, се стравува од глобална рецесија

73

На азиските берзи денеска паднаа цените на акциите бидејќи инвеститорите не се подготвени да ризикуваат, со оглед на тоа што оваа недела се очекуваат покачувања на каматите од голем број централни банки, што дополнително ќе го забави и онака бавниот раст на светската економија.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, беше намален за 0,4 отсто околу 7 часот наутро, откако минатата недела потона за речиси 3 отсто. Цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја утринава паднаа меѓу 0,1 и 1,1 отсто. Во Јапонија, пак, нема работа поради празници.

Инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции бидејќи оваа недела треба да се состанат дури 13 централни банки во светот, а повеќето од нив се очекува да ги зголемат каматните стапки поради високата инфлација. Инвеститорите ќе бидат фокусирани на дводневната сесија на американската централна банка, која завршува на 21 септември.

Повеќето аналитичари очекуваат лидерите на ФЕД повторно да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, трет пат по ред. Сепак, некои од нив веруваат дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен, пренесува Индекс.

Се очекува зголемување на каматните стапки во повеќето земји

На пазарот се шпекулира и за тоа колку каматните стапки би можеле да се зголемат во наредните месеци. Моментално каматните стапки на ФЕД се во опсег од 2,25 до 2,50 отсто, а до крајот на годината би можеле да достигнат опсег од 4 до 4,25 отсто. Следната година ФЕД би можел дополнително да ја зголеми цената на парите, доколку инфлаторните притисоци не почнат значително да се намалуваат.

Се очекува зголемување на каматните стапки од повеќето други централни банки, кои ќе одржат седници оваа недела, меѓу нив и банките на Швајцарија, Англија и Јужна Африка. Меѓу ретките исклучоци е јапонската централна банка, која најверојатно ќе ја држи монетарната политика лабава за да го поддржи економскиот раст бидејќи релативно ниската инфлација ѝ го дозволува тоа.

И кинеската централна банка утринава ја намали репо стапката за 0,10 процентни поени со цел да го стимулира кредитирањето и со тоа да ја поддржи економијата, чиј раст во последните месеци забавува. Но, ова се исклучоците што го докажуваат правилото.

„Во последните месеци се соочивме со една од најагресивните епизоди на затегнување на монетарната политика во историјата, бидејќи околу 85 отсто од централните банки во светот ги заоструваат политиките“, пишуваат аналитичарите на Банката на Америка.