Пад на европските берзански индекси

Европските берзански индекси денеска се во пад, како и цените на нафтата, златото и пченицата, додека пазарите чекаат нова рунда царини на Трамп, вклучително и царина од 25 отсто за сите автомобили произведени надвор од САД, кои најверојатно ќе бидат објавени попладне по затворањето на европските пазари.

Администрацијата на Трамп го прогласи 2 април за „Ден на ослободувањето“, а се очекува американскиот претседател да ја искористи оваа можност да го објави својот план за реципрочни царини.

Белата куќа, наводно, размислува за универзални тарифи од 20 отсто за повеќето увозни производи, но други опции како што се реципрочни тарифи од земја до земја сè уште се на маса, објави Вашингтон пост, цитирајќи три анонимни извори запознаени со ова прашање. Индексот DAX на Франкфуртската берза денеска во 9:30 часот падна на 22.318,32 поени, британскиот FTSE 100 на 8.605,44 поени, францускиот CAC 40 на 7.838,67 поени, а московскиот MOEX на 2.937,46 поени.

Европските фјучерси на гас за мај се продаваа на отворањето на берзата ТТФ по цена од 42,4 евра за мегават-час.

Според досегашните податоци на берзата, цената на суровата нафта падна на 70.884 долари, а на нафтата од типот „брент“ на 74.192 долари. Цената на златото падна на 3.114,62 долари за унца, а на пченицата на 5,3759 долари за бушел (бушел е еднаков на 27,216 кг). Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,07913, што е нешто пониско од вредностите забележани при тргувањето во вторник.