Пад на индустриското производство во јуни

61

Индустриското производство во јуни оваа година, во однос на истиот период лани, е намалено за 2,8%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, бележи пораст од 5,2%, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,7%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 34,3%.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на облека, Производство на кожа и слични производи од кожа, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и Производство на компјутерски, електронски и оптички производи.

Според главните индустриски групи, производството во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, бележи пораст кај Енергија за 29,9% и Трајни производи за широка потрошувачка за 2,6%, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 4,7%, Капитални производи за 3,1% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,1%.

Индустриското производство во периодот јануари – јуни оваа година, во однос на истиот период лани, е зголемено за 4,8%.