Пад на кинеските инвестиции во ЕУ: Слаба побарувачка и политички тензии

Во Дебрецен, вториот по големина унгарски град, завршува изградбата на огромна фабрика за батерии на кинеската компанија CATL, наменета за снабдување на BMW, Mercedes и други европски производители на автомобили. Проектот вреден 7,3 милијарди евра некогаш симболизираше бран кинески инвестиции во Централна и Источна Европа по пандемијата, но сега неговиот обем е доведен во прашање поради слабата побарувачка за електрични возила во Европа, објавува Financial Times.

Првата фаза од фабриката е зголемена на 40 GWh, додека следните две фази се „на чекање“ во зависност од трендовите на пазарот. CATL дури размислува за производство на други технологии, не само литиум-јонски батерии.

Политички тензии и пад на новите проекти
Според аналитичарите на Rhodium Group, геополитичките тензии, кинеската поддршка за Русија и послабиот раст на европскиот пазар на електрични автомобили значително го намалија интересот за нови кинески инвестиции во ЕУ. Пекинг дополнително ги затегна односите со воведување контрола на извозот на ретки земни метали и минерали, што дополнително ги комплицира односите.

Во 2024 година е забележан остар пад на вредноста на новите кинески проекти за електрични возила во Европа. Унгарија е сè уште главен примател на кинески инвестиции, но бројот на нови проекти се намали од 15 во 2023 година на само 7 во 2024 година. Дел од капиталот сега оди во Југоисточна Азија, каде што пазарите растат побрзо и има поразвиена индустриска инфраструктура.

ЕУ бара трансфер на технологија
Европските влади сè повеќе бараат кинеските инвестиции да бидат поврзани со трансфер на технологија, особено во сектори како што се батериите. Но, експертите предупредуваат дека кинеските компании, како што е CATL, не покажуваат голема подготвеност да споделат знаење и покрај минатите примери на западни компании кои морале да трансферираат технологија кога влегуваат на кинескиот пазар.

Европската комисија го засили надзорот врз кинеските инвестиции преку Регулативата за странски субвенции (FSR) и воведе тарифи до 35 проценти за некои кинески електрични автомобили. Тоа би можело да ги охрабри кинеските производители да отворат фабрики во рамките на ЕУ, но аналитичарите не очекуваат поголем бран на вакви потези поради дополнителните ризици и построгите правила.

Во исто време, политичката клима во Европа станува сè понеповолна за кинеските инвестиции поради блиските односи меѓу Пекинг и Москва и притисокот на САД врз европските партнери да ја ограничат соработката со Кина. И покрај предизвиците, влијанието на Кина е сè уште видливо, а Дебрецен стана нов центар на индустриски раст во Унгарија благодарение на CATL.
Фото: Pixabay