
Се очекува потрошувачката на странски туристи во САД да се намали за околу седум проценти, или 11,24 милијарди евра, во 2025 година, објави Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC).
„Меѓународните патници ги избегнуваат одморите во САД поради непопуларните политики на претседателот Доналд Трамп, стравот од гранични запирања и неповолни девизни курсеви“, изјави извршната директорка на WTTC, Џулија Симпсон.
„Од 184 земји, САД се единствената што забележува апсолутен пад на потрошувачката од страна на меѓународните посетители. САД дефинитивно ја губат својата круна во оваа област“, додаде Симпсон.
САД се водечки светски пазар во однос на патувањата и туризмот, објавува Хина. Сепак, се предвидува дека трошењето на странските посетители во земјата ќе се намали од 162,80 милијарди евра во 2024 година на 152 милијарди евра оваа година и ќе биде за 22 проценти помалку од претходниот врв во 2019 година.
Силниот долар, кој ги направи одморите во САД поскапи, предизвика пад на потрошувачката на странските туристи во 2024 година, рече Симпсон, додавајќи дека сега загриженоста за политиката и преминувањето на границата, исто така, влијае на бројот на посетители во САД. Во март, Германија ги ажурираше своите совети за патување во САД и нагласи дека визите или ослободувањата за влез во земјата не гарантираат влез, а сето тоа откако неколку Германци беа приведени на границата.
Администрацијата на Трамп бара од сите странци над 14 години да се регистрираат и да дадат отпечатоци од прсти ако престојуваат повеќе од 30 дена. Ова ги вклучува Канаѓаните, кои претходно можеа да останат во САД до шест месеци без виза.
„Остатокот од светот сигнализира отвореност и ги охрабрува луѓето да дојдат и да ја видат нивната земја. САД моментално држат знак „нема работа, затворено“, што е штета“, рече Симпсон.