Според извештај за финансиите во фудбалот на ревизорската компанија Deloitte, европскиот фудбалски пазар забележа пад на приходите во износ од 3,7 милијарди евра, односно намалување за 13% поради пандемијата. Неговата вредност изнесуваше 25,2 милијарди евра во сезоната 2019/20, објави ревизорската компанија. Како што е наведено во извештајот, ова е прв пад на приходите од глобалната финансиска криза во сезоната 2008/09.Во годишниот извештај за финансиите во фудбалот, Deloitte открива дека приходите во најсилните пет лиги (Англија, Германија, Италија, Шпанија и Франција) изнесуваат 15,1 милијарди евра, односно 11% помалку од претходната година.
Приходите на екипите од англиската премиер лига се намалени за 13%, од рекордните 5,8 милијарди евра во сезоната 2018/19 на 5,1 милијарди во сезоната 2019/20.
Deloitte исто така објаснува дека ова е прв пад на вкупните приходи во историјата на Премиер лигата и најнизок приход остварен од сезоната 2015/16.
Со приходи од 3,2 милијарди евра, германската Бундеслига има најмал пад на приходите од само 4%, додека шпанската Ла Лига со приходи од 3,1 милијарди евра е веднаш зад нив.
Италијанската Серија А оствари приходи од 2,1 милијарди евра што е пад за 18% додека француската Лига 1 која ја откажа сезоната поради мерките во борбата против пандемијата на коронавирусот оствари приходи од 1,6 милијарди евра, односно има пад на приходите од 16%.
“Потребно е да се напомене дека иако сега веќе се поминати 16 месеци од почетокот на пандемијата во Европа, анализата во овој извештај е направена за финансиската година 2019/20. Привремениот прекин на лигите донесе разлика во поглед на завршувањето на сезоната и стандардните периоди на финансиски извештаи во Англија, Шпанија и Италија“, изјави Ден Џонс, од секторот за анализа на спортски настани во Deloitte.
Фото: Pixabay











