Пад на продажбата на нови возила за 33%

63

Пандемијата со Ковид-19, која негативно влијаеше врз работата на повеќе сектори, се одрази и врз автомобилската индустрија. Импортерите на нови возила поради намалената побарувачка беа принудени да се прилагодат на новите околности што ги наметна пандемијата и да го намалат увозот на возила.

Од Групацијата на импортери на нови возила при Сојузот на стопански комори во изјава за МИА велат дека забележале пад во продажбата од 33 % лани во однос на 2019 година.

“Причините за ваквата состојба се базираат врз економската криза односно намалената потрошувачка. Граѓаните поради состојбите во економијата се воздржуваат од потрошувачка на акцизни стоки, а воедно и претпријатијата поради намалената деловна активности и намалените приходи, се воздржуваат од нови инвестиции“, велат од Групацијата.

Со заздравувањето на економијата и излезот од економската криза што ја предизвика пандемијата, очекуваат следниот период да се преземат мерки со кои ќе се стимулира купувањето на нови возила, особено на оние на електричен погон.

“Некои мерки Владата веќе ги најави, чија реализација очекуваме што поскоро да отпочне“, истакнуваат од Групацијата на импортери на нови возила во изјавата дадена за МИА.

И податоците од Царинската управа покажуваат дека минатата година се увезени помалку нови автомобили отколку во 2019 година. Според овие податоци, лани во земјава увезени се вкупно 5.172 нови возила што е за околу 1.000 возила помалку во споредба со 2019 година кога во земјава влегле 6.341 ново возило.

Анализирајќи ги податоците на Царинската управа може да се забележи дека од февруари лани, кога беше детектиран првиот случај на корона вирусот кај нас, постепено секој месец се намалува бројот на увезени нови возила. Така, од 570 нови возила во февруари, веќе во декември бројот е намален на 505 возила, а во јануари годинава на 364. Во декември лани се увезени за 264 возила помалку во однос на истиот месец во 2019 година.

Пандемијата беше причина и за пад на вкупната продажба на пазарот на автомобили во Европската Унија. Лани, вкупната продажба паднала за 23,7 % во однос на 2019 година.

Според податоците за 2020 година на Европското здружение на производители на автомобили, падот на продажбата на автомобили во Хрватска изнесувал 42,8%, во Белгија 36,8%, во Португалија 35, Шпанија 32,3%, Естонија 29,5, Грција 29, Италија 27,9, Франција 25,5, Австрија 24,5, Белгија 21,5, Холандија 19,5 и Германија 19,1%.

Фото: Freepik