Пад на цената на нафтата

71

Цените на нафтата паднаа за околу 3 долари за барел во понеделникот, откако аналитичарите укажаа на зголемените глобални залихи и загриженоста за растечката побарувачка пред новите податоци за инфлацијата и состанокот на Федералните резерви на САД подоцна оваа недела.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ паднаа за 2,95 долари, или 3,9 отсто, на под 72 долари за барел, што е најниско ниво од декември 2021 година. Во исто време, американската сурова нафта WTI падна за 3,05 долари или 4,4 отсто на 67,12 долари за барел, пренесува Ројтерс.

Голдман Сакс претходно ги намали прогнозите за цената на нафтата, велејќи дека залихите оваа година се повисоки од очекуваното. Прогнозата за овогодинешната максимална цена на суровата нафта за Брент сега е 86 долари наместо 95 долари за барел, а за WTI 81 долар наместо 89 долари.

Кинеската побарувачка не покажа знаци за очекуваниот раст од два милиони барели дневно, велат аналитичарите, додека ОПЕК и Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) се очекува да ги намалат своите прогнози за побарувачката.

Зголемувањето на каматните стапки на ФЕД го зајакнува доларот, што ги прави стоките деноминирани во американската валута поскапи за имателите на други валути и влијае на цените. Состанокот на ФЕД оваа недела и инфлаторните притисоци остануваат клучни прашања за пазарот оваа недела.

Цените на нафтата забележаа одредено закрепнување во вторникот наутро, кога нафтата од типот „брент“ порасна за околу 0,75 отсто од својата вредност, достигнувајќи цена од 72,37 за барел, додека нафтата „WTI“ поскапе на 67,48 долари за барел, покажуваат податоците на специјализираниот портал OilPrice.