Пад од над 44% на прометот на Берза во изминатите шест месец

14

makedonska berza zvono

Прометот на Македонска берза во период од јануари до јуни оваа година е на ниво од 1.280.329.381 денари, што е пад од 44,19% во однос на истиот период лани, се вели во полугодишниот статистички билтен.

Пазарната капитализација во првото полугодие од оваа година е во вредност од 95.422.816.740 денари, што е пораст од 2,37%, во однос на истиот период лани.

Кај бројот на трансакции (5.955), во пресметковниот период, има пад од 7,21% во однос на истиот период лани. Пораст од 0,47% има кај индексот МБИ10, којшто се позиционираше 1.640,85.

Најтргувани акции на официјалниот пазар во првото полугодие од оваа година се оние на Алкалоид со вкупно 985 трансакции или 180.896.944 денари промет. Зад нив се акциите на Комерцијална банка со 864 трансакции и 151.837.305 денари промет. На трето место се позиционирани хартиите од вредност на НЛБ Тутунска банка со 294 трансакции и промет од 48.395.513 денари.

Во првите шест месеци од оваа година, најголем раст забележаа акциите на Грозд АД Струмица со пораст од 131,58%. Потоа следат хартиите од вредност на ФЗЦ 11 Октомври Куманово со скок на вредноста од 45,89%, додека трети се позиционираа акциите на Прилепска Пиварница со зголемување од 39,38%.

Најголем пад забележаа акциите на Јака 80 Радовиш од 85,71%, потоа следат хартиите од вредност на Димко Митрев од Велес со пад од 85,21%. Акциите на РЖ Институт се трети по ред со пад од 60,53% од вредноста.