Паднаа цените на нафтата на светските берзи

Цените на нафтата на американскиот пазар паднаа во саботата наутро, па нафтата WTI, репер за американскиот пазар, изнесуваше 67,20 долари, а нафтата од типот брент 71,12 долари за барел, објави Oil Price.

Одлуката на водечките производители да го одложат зголемувањето на понудата во следната година влијаеше на падот на цената на нафтата.

На лондонскиот пазар цената на барелот во петокот беше пониска за 72 центи и изнесуваше 71,37 долари. За исто толку барелот поевтини на американскиот пазар каде се тргуваше по 67,58 долари, пренесува Мина повикувајќи се на Хрпортфолио.

Пазарите оваа недела се фокусираа на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници за производната политика.

Во четвртокот ОПЕК + повторно го одложи зголемувањето на понудата за три месеци, до почетокот на април. Го поместија и рокот за целосна нормализација на испораките, за една година, до крајот на 2026 година.

Според аналитичарите, одлуките само ќе го ублажат очекуваниот суфицит на пазарот во следната година.

Британската банка HSBC сега очекува нешто помал суфицит следната година, од 200.000 барели дневно, се вели во белешката. Досега очекуваа понудата да ја надмине побарувачката за половина милион барели дневно.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која ги советува членките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), вклучително и групата големи потрошувачи, процени дека во наредната година понудата ќе ја надмине побарувачката за 1 милион барели дневно поради на очекуваниот послаб раст на кинеската економија и постепената транзиција на камионите на почисто гориво.

Независните производители, предводени од САД, силно ќе ги зголемат испораките, забележува ИЕА во образложението на проценката.

Одделно, ОПЕК објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки во четвртокот паднал за 1,24 долари на 72,19 долари.

Фото:Pixabay