Падот на цената на нафтата го поттикна растот на Волстрит

110

На Волстрит во вторникот цените на акциите нагло пораснаа, прекинувајќи ја повеќедневната негативна низа бидејќи инвеститорите беа охрабрени од падот на цената на нафтата под 100 долари за барел, намалувајќи ги стравувањата од натамошно зголемување на инфлацијата.

Dow Jones порасна за 599 поени или 1,82 отсто, на 33.544 поени, додека S&P 500 скокна за 2,14 отсто, на 4.262 поени, а индексот Nasdaq 2,92 отсто, на 12.948 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од падот на цената на нафтата под 100 долари за барел, за прв пат по рускиот напад на Украина кон крајот на февруари. Пред една недела цената на барелот достигна 139 долари, највисоко ниво од 2008 година.

На лондонскиот пазар цената на барелот вчера падна за 6,5 отсто, на 99,90 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 6,4 отсто на 96,44 долари.

На европските берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,25 отсто, на 7.175 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,09 отсто, на 13.917 поени, а париски CAC 0,23 отсто, на 6.355 поени.