Паѓа продажбата на електрични автомобили во Европа 

59

Продажбата на нови електрични автомобили во Европската унија падна за 12% во мај во споредба со претходната година, предводена од пад од 30% на германскиот пазар, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Побарувачката за електрични возила во Европа опаѓа во последните месеци, по силен раст неколку години, додека конкуренцијата за производство на подостапни модели се зголеми.

За да ги заштити европските производители на автомобили од приливот на евтини увезени електрични автомобили, Европската комисија минатата недела објави дека ќе воведе привремени царини до 38,1% за електричните автомобили произведени во Кина. Одлуката стапува на сила на почетокот на јули.

Американскиот производител на електрични автомобили Тесла минатата недела изјави дека очекува цената на моделот 3 од кинеско производство да се зголеми кога ќе стапат на сила мерките на ЕУ. Компанијата на Илон Маск забележа пад на продажбата во ЕУ за 34,2% во мај.

Електрификуваните возила – целосно електрични модели, plug-in хибриди и целосни хибриди – учествуваа со 48,9% од сите регистрации на нови патнички автомобили во ЕУ во мај, во однос на 46,2% една година порано.

Додека пазарниот удел на целосно електричните автомобили падна на 12,5% од 13,8% во мај 2023 година, уделот на хибридите се зголеми од 25% на речиси 30%.