Пакомак и Економскиот факултет од Скопје започнуваат еколошка акција

20

ekonomski foto

Економскиот Факултет во Скопје во соработка со компанијата Пакомак од денес започнуваат еколошка акција за собирање на пластика и хартија во универзтетскиот кампус. Пакомак со цел да ги стимулира студентите на што помасовно собирање на амбалажни пластични шишиња и хартија ќе донира по 1 денар за секое донесено шише и 2 денари за 1кг стара хартија. Собраните пари ќе бидат донирани за Сојузот на студентите, а студентите самите ќе одлучат за што ќе бидат наменети истите. На факултетот веќе се поставени контејнери каде секој студент ќе може да го остави амбалажниот отпад и со тоа да придонесе акцијата да биде што поуспешна.

“Оваа соработка со Економскиот факултет е дел од низата кои ги презема Пакомак за подигнување на свеста за селектирање на отпадот кој ја загадува средината во која живееме на долги патеки. Свесни сме дека колективната свест за односот кој го имаме кон селекцијата на отпадот, рециклирањето и заштитата на животната средина е долготраен процес кој не може да се смени преку ноќ, но нашата постојана заложба селекцијата да стане наша навика и дел од секојдневието веруваме дека ќе вроди со плод. Изминативе неколку години имавме еколошки иницијативи во основните училиште, кои се покажаа доста успешни и во кои најмладите сите пријатно нè изненадија со својата заложба и активност, а што се надеваме дека сега ќе го следат и постарите, студентите. Ова е почеток на интензивна соработка со УКИМ и останатите универзитети за взаемна соработка во подигање на еколошката свест кај студентската младина”, изјави Филип Ивановски, директор на Пакомак.

Од неодамна Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) официјално ја продолжи дозволата за работа на Пакомак за постапување со отпад од пакување за следните пет години. Ова е резултат на севкупните активности кои беа реализирани изминативе години пред сè на инвестициите во инфраструктура (контејнери и канти за собирање на отпад од пакување), како и на бројните едукативни кампањи за подигнување на јавната свест на населението.

Во досегашново петгодишно работење преку системот на Пакомак се собраа и преработија над 49.000 тони амбалажен отпад, којшто се состои од: хартија, пластика, стакло (кое досега никој не го собираше, ниту локалните компании имаат капацитет за рециклирање), како и композит, метал и дрво. Националните цели за собран и рециклиран отпад од пакување во следните 5 години се зголемуваат од година во година, така што за следниве 5 години се очекува оваа бројка да биде најмалку двојно зголемена. Пакомак е прв и најголем колективен постапувач со отпад од пакување во Македонија, единствена компанија со остварени национални цели четири години по ред.