Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија свечено ги додели националните награди за општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија спроведени во 2014 година.
За наградите конкурираа 34 претпријатија со вкупно 50 проекти, од кои 10 мали и средни со 13 проекти и 24 големи со 37 проекти, во различни категории на општествената одговорност.
Во категоријата „Заштита на животната средина“ во мали и средни претпријатија втора година по ред наградата ја доби Пакомак овојпат за проектот за „3Д екобус“ – 3Д инерактивна обука за ученици и наставен кадар.
„Нé радува оваа награда и потврдата дека нашите практики се идентификувани и препознаени како корисни за општеството и заедницата. Со овој проект само во 2014 година беа опфатени 10.400 ученици и презадоволни сме од импактот што го имавме, од знаењето што го посадивме, а особено нé радуваат никулците и резултатите што перспективно следат: Еколошки едуцираните генерации, ќе продуцираат еколошки едуцирани генерации. Заради одличната прифатеност продолжуваме со истиот и во 2015 година, во Скопје и низ целата наша држава со цел да опфатиме што е можно поголем број деца“, изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак на доделувањето на наградите.
Како компанија која има за цел да ја подигне општата еколошка свест, особено за потребата од селектирано собирање на амбалажниот отпад и негово рециклирање, целта на Пакомак со овој проект беше да го поврзе целиот ланец за успешно собирање на отпадот, од кој сите имаат придобивка и преку забавна и интерактивна програма децата да се здобијат со знаење и да изградат личен позитивен однос кон поединечното собирање на отпадоците, како и да им помогне да формираат навики за секојдневно одговорно однесување кон околината.