Пакомак во соработка со ЈП Исар – Отворена првата линија за преработка на отпад во Штип

82

pakomak

Соработката помеѓу Пакомак, општина Штип и Јавното претпријатие Исар почна уште во 2011 година со заеднички активности, за во оваа тековна 2015 да се направи крупен исчекор со пуштање во употреба на линијата за секундарна селекција на отпад од пакување.

Првичните резултати кои се реализирани во текот на месец јуни, во периодот на пробна работа се охрабрувачки. Селектирани се повеќе од 4,5 тони пластични шишиња собрани на територијата на општина Штип, односно околу 150.000 парчиња ПЕТ амбалажа.

Линијата се состои од две машини, транспортна лента и преса, за селекција, пресирање и балирање на отпадот. Целата инвестиција чини околу 40.000 евра и е дел од соработката на Исар со компанијата Пакомак.

“Нé радуваат сите вакви проекти и инвестиции, а најмногу од сé нé радува што компаниите го препознаваат бенефитот од правилното однесување со амбалажниот отпад и заштитата на животната средина. Нашата соработка со ЈП Исар ќе продолжи и натаму и подготвени сме да ги поддржуваме користејќи го сето наше расположиво знаење, искуство и ресурси”, изјави Игор Макаловски, оперативен менаџер на Пакомак.

Дневно, оваа машина може да обработи околу еден тон пластичен отпад, но количините можат да бидат многу поголеми, доколку е поголема и одговорноста на граѓаните, кои во најголем број не се грижат каде ќе заврши отпадот, откако ќе го напушти домот. Правилното селектирање и грижа уште во домаќинството, најмногу влијае на целиот процес.

“Добар дел од нашите идни активности ќе бидат насочени во едукација и подигнување на јавната свест, креирање на чувство на одговорност, обезбедување на точни и потполни информации со кои и граѓаните и компаниите ќе го увидат бенефитот од правилното однесување со амбалажниот отпад и заштитата на животната средина”, изјави Ангел Бојаџиев, директор на ЈП Исар – Штип.

Сево ова е дел од еден поширок проект кој има конкретна и долгорочна цел.
“Секоја активност на поединците и на компаниите треба да биде планирана и спроведена на начин што предизвикува најмало можно влијание на животната средина и што претставува најмал ризик по животната средина, по здравјето на граѓаните и по опстанокот на живиот свет. Нашата цел е што помалку отпад да заврши на депонијата, а Штип за кратко време да го носи епитетот – Најчист град во Македонија”, вели Илчо Захариев, градоначалник на Штип.

Во Штип дневно се произведува околу 280м/3 комунален отпад. Од него, 30% отпаѓаат на пластика; 33% на хартија; 3 % стакло и 40 % друг комунален отпад.
Од оваа количина на отпад, граѓаните селектираат едвај 2 %, а ЈП Исар собира и преработува околу 6 м/3 хартија и пластика дневно. Останатиот отпад се носи и уништува на градската депонија. Напорите на ЈП Исар и Пакомак се насочени кон креирање на долгорочни одржливи методи за превенција, едукација и подигнување на јавната свест за важноста од селектирање на амбалажниот отпад и заштитата на животната средина.

Јавното Претпијатие Исар покрај исполнувањето на  законските обврски со отворањето на оваа линија истовремено ќе овозможи и дополнителен приход од секундарната селекција, а Пакомак како прв и најголем колективен постапувач со отпад од пакување во државата, ќе може на еден современ начин да дојде до реализација на националните цели во управувањето со отпадот од пакување.