Паметната соларна ќерамида – SSRT е уште еден новитет од сферата на градежништвото. Станува збор за изум зад кој стои мала група ентузијасти од Босна и Херцеговина, Харис Хамзиќ, Ермин Шуњ и Белмин Адиловиќ, заедно со менторска поддршка на професорот Адес Бучан, пишува порталот Klix.ba.
SSRT е ќерамида што ја штити куќата од различни временски услови, но со унапредени додатоци. Ќерамидата е изработена од висококвалитетни материјали, како што е плексиглас и карбон, чија функција може да се контролира преку паметен мобилен телефон.
Една од функциите на ќерамидите е да се контролира топењето на снегот преку телефон. Топењето ќе биде овозможено со помош на грејачи во внатрешноста на ќерамидата, а на тој начин ќе се избегне проблемот со мразот или одрнување на големи делови снег од покривите.
“Дознавме дека во Босна и Херцеговина има една фирма што произведува ќерамиди што не се кршат, но вакво нешто како нашата со сите додатоци нема на ниту едно друго место во светот“, вели Хамзиќ.
Оваа мала група ентузијасти го пријавија својот проект SSRT на глобалната платформа за инвестирање Indiegogo, каде што планирано е собирање на 1.150.000 долари.
“Причина за овој голем износ на средства е едноставен. Многу млади луѓе сакаат да си заминат од земјата во потрага по работа, но ние сакаме со тој голем износ на средства да отвориме фирма и да вработиме што е можно повеќе млади и амбициозни луѓе и на тој начин да ги задржиме во нашата земја“, објаснува Хамзиќ.