Паметно капаче iCap 1000, проект на македонско – хрватскиот старт-ап Fueloyal

91

icap

Македонско – хрватскиот старт-ап Fueloyal на превозниците им нуди решение за заштита од кражби и заштеда на гориво – паметно капаче iCap 1000. Косопственици на стартапот се Игор Христов, основач на 4Virtus и Хрватот Јурица Магочи, основач на Roadmiral. Магочи веќе има бизнис во САД, што е примарната локација на Fueloyal, а развојниот дел е лоциран во Македонија, за кој е одговорно студиото за развој на веб и мобилни апликации 4Virtus.

Со iCap 1000 се намалуваат трошоците, се врши контрола во реално време, а до целиот систем може да се пристапи од компјутер или мобилен телефон. Капачето се додава на резервоарот за гориво за да води евиденција колку е наполнет резервоарот, колку гориво е потрошено и колку гориво останува. Ова паметно капаче ќе им овозможи на компаниите да го зголемат профитот и да ја зголемат својата ефикасност. Освен тоа, iCap 1000 е дизајниран да се спречи секаков неовластен пристап до резервоарот за гориво на возилото и обезбедува 100% заштита.

“Во моментов имаме функционален прототип на кој ги довршуваме последните корекции за да може да се стави во производство. Бидејќи станува збор за хардвер старт-ап, тука се јавува проблемот со координација на производство од повеќе локации и негово асемблирање во финален производ, потоа проблемот со правилно менаџирање со финансии и затоа се одлучивме на потегот за помош од инвеститори”, вели Игор Христов, основач на 4Virtus.

Fueloyal во октомври беше избран како финалист на бугарскиот акцелератор LAUNCHub, а од 4 до 6 ноември учествуваше на вебсамит во Даблин.

“Засега го таргетираме пазарот на северна Америка, но во план е ширење на други пазари – Европа, Кина, Русија и Латинска Америка во 2016 година. Веруваме во нашиот тим и производ и мислиме дека од ова ќе излезе успешна приказна”, вели Христов.