Пандемијата и недостигот на возачи се одлична можност за индустријата за автономни камиони

121

Се наоѓаме во период во кој луѓето можат од прва рака, односно на своја кожа да ги почувствуваат проблемите во логистиката и глобалниот синџир на снабдување кои резултираа со доцнење на производите и нивно зголемување на цените. „Кога луѓето не можат да го добијат својот божиќен подарок, тоа значи дека бараат итно решение за тие проблеми“, коментира извршниот директор на Embark Trucks, Алекс Родригез за ситуацијата на пазарот.

Тој смета дека со големиот пораст на онлајн трговијата (делумно поради пандемијата), недостатокот на возачи на камиони и големата гужва во американските пристаништа, создадена е одлична можност за развој на автономниот пазар на камиони.

Родригез ја основа својата компанија во 2016 година, а од оваа недела акциите на Embark Trucks се тргуваат на берзата, при што тој е еден од најмладите извршни директори на американското јавно претпријатие во историјата со само 26 години. Неговата компанија е фокусирана на развој на технологија за автономни камиони. Значи, тие не се занимаваат со развој и производство на самите камиони, туку со технологија и софтвер со кои возните паркови на класичните камиони може да се трансформираат во флоти на автономни камиони.

Користењето на нивната технологија може да го зголеми приходот по камион за 300 отсто, да го намали времето на испорака за 40 отсто и да ја зголеми ефикасноста на горивото за 10 отсто, објасни тој за CNBC. Оваа година, неколку компании (како Aurora) фокусирани на развојот на технологијата за автономни камиони веќе излегоа на берзата, а Родригез потсети и на неодамна објавената соработка помеѓу Walmart и Gatik.

„Големите и етаблирани играчи ја разбираат итноста и потребата за оваа (автономна) технологија. Го гледаме ова како позитивен знак“, смета Родригез.