Панета: ЕЦБ треба да воведе дигитално евро

49

Европската централна банка (ЕЦБ) треба да го воведе дигиталното евро бидејќи целосното предавање на дигиталните пари на иницијативите на приватниот сектор може да ја загрози финансиската стабилност и да ја ослаби улогата на централната банка, изјави во петокот членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Фабио Панета.

ЕЦБ моментално работи на дизајнирање на дигитална валута која би се дистрибуирала директно од централната банка на барање на банките, како што е случајот со готовината, но проектот би можел да потрае уште пет години пред да биде всушност лансиран.

„Како што поштенската марка изгуби голем дел од својата употребливост со појавата на интернетот и е-поштата, така и готовината може да ја изгуби својата важност во сè подигиталната економија“, рече Панета.

Тој додаде дека доколку ова сценарио се оствари, тоа ќе ја ослаби вредноста на парите на централната банка како монетарно сидро.

Панета ги отфрли аргументите дека „стабилните монети“ од приватниот сектор, тип на криптовалута што обично се врзува за традиционалната тврда валута за да се зачува вредноста, ги прави излишни дигиталните пари на централната банка, велејќи дека приватните иницијативи носат својствен ризик кој често се зголемува во време на криза.

„Историјата покажува дека финансиската стабилност и довербата на јавноста кога се во прашање парите бараат државна валута која нашироко се користи покрај приватните пари“, рече тој.

За да функционираат дигиталните пари на централната банка, тие мора да бидат во широка употреба, така што луѓето постојано се свесни дека оваа опција е исто така на маса.

„За таа цел, дигиталното евро треба да биде дизајнирано на начин што ќе го направи доволно привлечно за да биде широко користено како средство за плаќање, а во исто време да го спречи да стане толку успешно како безбедно засолниште кое ги цеди приватните пари и го зголемува ризикот од банкрот“, заклучи Панета.