Паневропскиот Stoxx 600 индекс на ново највисоко ниво на сите времиња

15

На европските берзи најважните индекси во петокот наутро беа во благ плус, при што паневропскиот индекс Stoxx 600 достигна ново рекордно ниво, предводен од растот на цените на акциите на Standard Chartered и BASF.

Околу 10 часот, индексот Stoxx 600 порасна за 0,09 отсто, на 495 поени, а со тоа и на пат кон нова добивка петта недела по ред.

Истовремено, франкфуртскиот DAX порасна за 0,02 отсто, на 17.373 поени, лондонскиот Ftse за 0,16 отсто, на 7.696 поени, а парискиот CAC за 0,09 отсто, на 7.918 поени.

Најголем добитник беше акцијата на британската банка „Standard Chartered“ со скок на цената од 6,7 отсто, откако објави дека ќе откупи сопствени акции во вредност од една милијарда долари благодарение на растот на добивката.

Значително порасна и цената на акцијата на германската хемиска компанија BASF, која објави дека оваа година планира дополнително да ги намали трошоците за една милијарда евра и дека очекува обновување на основната добивка. Ова ја зголеми цената на акцијата на таа компанија за 1,5 отсто и го поттикна растот на индексот на хемискиот сектор за 0,7 отсто.

Сепак, инвеститорите се внимателни, бидејќи беше објавено дека германската економија паднала за 0,3 отсто во четвртиот квартал. Преовладува претпазливост пред денешните изјави на водечките функционери на Европската централна банка, вклучително и претседателката на банката Кристин Лагард, додека инвеститорите чекаат сигнали за натамошниот правец на монетарната политика во еврозоната.