Партнерство или пекол – што треба да знаете пред да влезете во бизнис партнерство

617

Размислувате за започнување на бизнис со деловни партнери? Она што треба да го запомните кога влегувате во партнерски води е да не се впуштите без детално размислување и планирање.

Постојат повеќе причини поради кои луѓето се одлучуваат на бизнис партнерство. Една од причините може да биде недостаток на финансиски средства, може да имате идеја, а да немате ресурси или можеби не се осудувате само да влезете во некој бизнис.

Големите бизниси се темелат на големи партнерства, но бизнисот може да биде и уништен од лошо партнерство. Секој личен однос има свои подеми и падови, а тоа важи и за бизнис партнерствата. Затоа, пред да стапите во партнерски однос, треба да постигнете партнерски договор со цел да се заштитите себе и вашиот бизнис.

Ако размислувате да влезете во бизнис партнерство со некого (роднина, пријател, инвеститор), постојат неколку клучни работи коишто мора претходно да ги утврдите.

Процент на сопственост Бидејќи луѓето најчесто имаат кратка меморија, вие треба да имате евиденција за тоа колку секој партнер вложува во бизнисот пред започнувањето. Вообичаено овие влогови се користат како основа за процентот на сопственоста. Но, може да се случи едниот партнер да вложи капитал без да работи во бизнисот или партнерот да не вложи пари, а да се посвети на бизнисот и да “носи“ пари.

Распределба на профит и загуба Финансиските несогласувања се убијци на бизнисот. Бидејќи парите се корен на сите зла, вие и вашиот партнер мора однапред да се договорите за распределбата на профитот и загубата.

Донесување одлуки Потребно е однапред да воспоставите процес на донесување на одлуки со цел вашите бизнис операции да се одвиваат непречено.

Решавање на спорови Секако дека во водењето на бизнисот може да дојде и до несогласување со партнерот. Затоа најдобро е партнерскиот договор да содржи и клаузула за посредување којашто ќе обезбеди постапка со која ќе може да ги решите настанатите конфликти.

Фото: Pixabay