Партнерство на ГГФ и Охридска банка за поттикнување на еко кредитирање

28

ohridska banka

Фондот Green for Growth Fund, Jугоисточна Европа (ГГФ), обезбедува четири милиони евра за финансирање на Охридска банка, Групација Сосиете Женерал (ОБСГ), стои во банкарското соопштение.

Македонија увезува над 40% од својата примарна енергија; речиси 80% од производството на електрична енергија во земјата потекнува од фосилни извори, најмногу јаглен.

Како еден од пионерите на пазарот, ОБСГ ја препозна важноста за финансирање на обновлива енергија и енергетска ефикасност и растечкиот потенцијал на овие сегменти. Се очекува дека портфолиото на кредити од ОБСГ за обновлива енергија и енергетска ефикасност кои ќе бидат финансирани од четирите милиони евра обезбедени од ГГФ ќе придонесе кон намалување на потрошувачката на примарна енергија најмалку за 20%.

Оваа заштеда, пак, ќе резултира со годишна заштеда на енергија од над 24.000 мегаватчасови и намалување на јаглеродниот диоксид за над 7.500 метрички тони годишно. ОБСГ, четвртата по големина универзална банка во земјава, има придобивка од кредитирање на стопанството со пазарен удел од 8,9% и е значаен играч на пазарот за мали и средни претпријатија. Со оглед на тоа што ОБСГ ја следи стратегијата за развој на одржлива структура за финансирање проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност, инвестицијата од ГГФ ќе биде инструмент кој на Банката ќе ѝ овозможи развој на капацитетите за финансирање проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност и ќе претставува поттик за зголемување на инвестициите во овие сегменти во Македонија.

Партнерството ќе биде придружено со проширена поддршка – обезбедена од страна на техничката помош од ГГФ (ГГФ ТАФ) – за развој и имплементација на проекти за обновлива енергија. За осигурување на одржливо кредитирање, ГГФ ТАФ ќе асистира и во имплементација на еколошки и социјални аспекти и ќе го надгледува портфолиото на кредити за енергетска ефикасност на ОБСГ.

“ГГФ со задоволство го објавува партнерството со ОБСГ, финансиска институција со цврста посветеност кон финансирање проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност. Со својот клиентски пристап и приспособена кредитна понуда, ОБСГ ефикасно одговара на потребите на бизнисите во земјата и придонесува кон максимирање на влијанието на ГГФ во регионот“, рече Кристофер Ноулс, претседател на Green for Growth, Југоисточна Европа.

“Зголемувањето на побарувачката за природни ресурси, урбанизацијата и важноста на животната средина создаваат растечка потреба за инвестирање во енергетска ефикасност и обновлива енергија. Енергетската ефикасност и обновливата енергија даваат огромни економски и еколошки придобивки, поради што веруваме дека постои речиси неограничен потенцијал за проекти од овој вид. Благодарение на ГГФ, Охридска банка сега има поголем капацитет да продолжи со поддршка на проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност, помагајќи на тој начин за зголемување на продуктивноста на економијата и засилување на тразицијата кон просперитетна нискојаглеродна иднина“, рече Бранка Павловиќ, претседател на Управниот одбор на Охридска банка, Групација Сосиете Женерал.