Државниот завод за индустриска сопственост, денеска на 26 април, го одбележува Светскиот ден на интелектуална сопственост.
Државниот завод за индустриска сопственост ја додели наградата Патент на годината за 2020 година. Оценувачката комисија согласно критериумите за избор на патент на годината, ги разгледа пријавите за патент за минатата 2020 година и од потесниот избор сведен на пет патенти беше избран пронајдокот на Димитрија Анѓелков од Кавадарци кој со неговиот тим измисли Респираторна машина.
Исто така Државниот завод за индустриска сопственост им додели признанија на иноваторите Борис Нешковски, кој доби знатен и сребрен медал на саемите во Москва и Мароко за изумот Интелигентен стап за навигација на слепи лица и на Драган Јованов за иновацијата Агрофит тоник за мултиплекс склероза кој беше добитник на девет златни медали и еден златен пехар.
Годинава, денот на интелектуалната сопственост, за чиjа идејна организација е задолжена Светската организација за интелектуална сопственост, се одбележува во знакот на IP и мали и средни претпријатија – Пренесување на вашите идеи на пазарот.
Милионите мали и средни претпријатија (МСП), кои работат низ целиот свет започнуваат со идеја што се оформува во нечиј ум и се пробива на пазарот. Токму таа идеја е деловна можност која генерира вредност, креира нови вработувања и го збогатува изборот на нови производи достапни за потрошувачите.
Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) преку патентирање на тие идеи овозможува посигурна положба на пазарот и јакнење на конкурентноста на претпријатијата. Инвестицијата во заштита е многу повеќе од заштита од потенцијалните конкуренти. Тоа е начин на зголемување на пазарната вредност на малите и средни претпријатија и зголемување на можностите за профит. Токму поради ова ДЗИС постојано укажува дека малите и средни претпријатија треба да ја вреднуваат интелектуалната сопственост и да ја третираат како капитал. Според досегашната работа на ДЗИС вредноста на интелектуалната сопственост и нејзиниот потенцијал за зголемување на вредноста на претпријатието и остварувањето на поголем профит честопати е потценета од страна на малите и средни претпријатија.
“Нашите заложби како Државниот завод за индустриска сопственост се во насока на тоа дека независно дали станува збор за мали или средни претпријатија идејата од која произлегла дејноста треба да се заштити. До нашиот завод патентираните идеи главно доаѓаат од граѓаните, а помалку од компаниите. Токму затоа фокусот на Државниот завод за индустриска сопственост е да се стимулираат и запознаат особено малите и средни претпријатија за бенефитите кои ги нуди заштитата на производите или идеите“, се наведува во соопштението на ДЗИС.
Фото: Printscreen