Патниците ги привлекуваме исклучиво со квалитетна услуга

591
IMG_2694
Менсур Омерагиќ, директор во Руле Турс

Се развивавме постепено, напорно работевме, не како некои фирми кои преку ноќ доживуваа бум. Нас ни требаа години.

БИ: Како започнува приказната за Руле Турс?

За Руле Турс можам да кажам дека е прва приватна фирма во Македонија која почна да се занимава со превоз на патници во редовен линиски сообраќај. Фирмата е основана на почетокот на 90-те. Благодарение на мајка ми која имаше минат труд во приватниот бизнис, бутикот Азаро можевме да ја финансираме нашата прва линија Скопје – Љубљана. Развивање на нова линија, особено за фирма што почнува, е многу тешко. Редовен линиски превоз на патници значи и да има и да нема патници, автобусот мора да вози. Почетокот беше многу тежок. Еден временски период возевме со еден – два патника. Само што ја пробивме линијата, имавме доволно патници и стана рентабилна, поради војните и нерешените односи помеѓу државите не бевме во можност да продолжиме по рутата што беше зададена преку Србија и Хрватска до Словенија, туку моравме да кружиме и да одиме околу. Сето тоа влијаеше врз развојот на компанијата.

Со доаѓањето на НАТО силите во Македонија, некаде 1998/99, ние бевме првата компанија која почна да вози дел од нив, согласно нашите капацитети. Од нивна страна имаме добиено и признанија за квалитетот. Паралелно се обидувавме да ги одржуваме редовните линии, но се соочувавме со потешкотии затоа што ни фалеа автобуси. Се развивавме постепено, напорно работевме, не како некои фирми кои преку ноќ доживуваа бум. Нас ни требаа години.

Како што растевме, почнавме да размислуваме за ширење во други правци, па полека започнавме да влегуваме во бизнисот со нафта. Пред неколку години ја отворивме првата бензинска пумпа, РТ Петрол. Во моментов имаме три бензински пумпи, а годинава добивме лиценца за увоз и продажба на големо.

rule 4

БИ: Вашата компанија стопанисува со автобуската станица во Скопје. Каква е состојбата со бројот на патници во последните години?

Во 2005 година учествуваме на тендерот за земање на автобуската станица под концесија што го распиша Град Скопје. Тендерот го добивме и покрај силната конкуренција. Во моментов имаме нешто помалку од 30 автобуси и околу 100 вработени. Корисници на услугите на автобуската станица се 38 – 40 фирми. Капацитетите на автобуската се големи. Имаме осум шалтери за билети. Располагаме со 20 перони за тргнување и 5 перони за пристигање, а по потреба можеме да адаптираме и повеќе. Но, за жал, од 2008 година наваму бројот на патници континуирано опаѓа. Најисполнети денови се понеделник и петок, но и тогаш зафатени се само 50% од капацитетите на автобуската станица. Дневно во сезона влегуваат околу 300 автобуси на автобуската станица, толку и излегуваат. За сезона го сметаме периодот од 1 јули до 31 август. Имаме ударни моменти во денот, во утринските часови и кога луѓето се враќаат од работа, од 14 до максимум 18 часот. Месечно бројот на патници заедно со оние што испраќаат и што чекаат е 60.000, значи реалниот број на патници е помал. По некоја наша математика, месечно низ автобуската минуваат околу 50.000 патници. Во последниве години има благо покачување на бројот на странци што патуваат, но сепак бројот е мал. Од оваа бројка што ја кажав, можеби 5.000 се странци.

rule 2

БИ: Која релација е најпосетена со патници?

Најмногу патници има на кратките релации, Скопје – Куманово, Скопје – Велес, Скопје – Тетово. Во летниот период има дополнителни побарувања за релациите Скопје – Дојран, Скопје – Охрид и Скопје – Струга.

rule 3БИ: Што се смени откако ја земавте автобуската станица под концесија?

Ние како фамилија пред се сме многу чесни и принципиелни и можам да кажам дека превозниците почнаа да купуваат автобуси од оној момент кога ние ја преземавме автобуската станица. Средствата на превозниците се исплаќаат редовно. Ако некој направи анализа на купени автобуси, ќе може да се види дека бројот е зголемен од оној момент кога ние почнавме да работиме со автобуската, што е многу битно. Ние како превозници многу го почитуваме редот и очекуваме и од другите да го почитуваат. Безбедноста на автобуската е на многу високо ниво, скоро и да сме немале никакви инциденти. Исто така  хигиената и услугата е на многу високо ниво.

БИ: На какви проблеми наидувате секојдневно? Што се случува кога некој автобус ќе остане дефект на автопат?

Тековни проблеми секогаш има, да се работи со луѓе е специфична работа. Нерешлив проблем немало или пак некаков инцидент. Функционираме 24 часа и проблемите мораат да се решаваат во од.

Во однос на превозот, се случувало автобус да остане дефект. Во зависност од далечината и времето, правиме проценка или ангажираме друг превозник да ги превземе патниците кој е поблиску до локацијата или ако е подобра варијанта да им се скрати времето на чекање на патниците, тогаш праќаме друг автобус од овде. Еве типичен пример како функционираме ние. Не знам точно која година беше, девет автобуси тргнаа за Љубљана после Нова Година. Од некој причина српските цариници ни вратија четири или пет автобуси со патници кои следниот ден требаше да стигнат на работа во Словенија и Италија. Ние ги земавме сите патници, ги сместивме во хотели и утрото закупивме чартер. Кога требаше да бидат во Љубљана, тие беа таму. Тоа нас не чинеше многу пари, тоа е огромна загуба за еден ден, но ние го направивме тоа.

rule 1

БИ: Имате ли нелојална конкуренција во овој бизнис? Како се справувате со неа?

Ние сме фирма којашто не се занимава со шверц, никогаш ништо не сме прошверцувале, ниту кутија цигари, живееме единствено од патниците при што  нелојалната конкуренција, како и во секој бизнис, ни создава голем проблем. Прво, во овој бизнис, директен конкурент ти е секогаш оној што вози иста линија со тебе. Лојалноста на конкуренцијата е втора работа. Ние долго време работевме со повисоки цени од кокурентите. И покрај повисоките цени, имавме повеќе патници од другите превозници, па и покрај тоа ни ставаа сопки на секаков можен начин. Ние не користиме никакви подмолни методи за привлекување патници, патниците ги придобиваме исклучиво со квалитетна услуга. Типичен пример за нелојална конкуренција, особено на линиите во Македонија се дивите таксисти кои благодарение на законските измени од страна на Владата во последно време се помалку присутни.

IMG_2692БИ: Какви се Вашите планови за во иднина?

Планираме да се шириме во поглед на бројот на линии што сакаме да ги возиме во Македонија, сакаме да го зголемиме возниот парк. Имаме некои планови, ќе видиме дали ќе се реализираат до крај. Исто и со нафтениот бизнис, планираме да се шириме, можеби да го зголемиме бројот на пумпи или да оствариме соработка со повеќе фирми што се потрошувачи на горива. Тоа се нашите планови во иднина.