Пауел: Време е да се намалат каматните стапки

97

Со инфлацијата речиси под контрола и заладувањето на пазарот на трудот, Банката на федерални резерви е подготвена да започне со намалување на основната каматна стапка од сегашното највисоко ниво во последните 23 години, објави во петокот претседателот на Федералните резерви Џером Пауел.

„Дојде време да се приспособи политиката. Насоката е јасна, а времето и темпото на намалување на каматните стапки ќе зависат од дојдовните податоци, развојот на изгледите и рамнотежата на ризиците“, рече Пауел во својот воведен говор на годишната економска конференција на ФЕД во Џексон Хол, Вајоминг, јавува АП.

Иако Пауел не кажа кога ќе започне намалувањето на каматните стапки или колку ќе бидат големи, инвеститорите, како и пошироката јавност, очекуваат ФЕД да објави скромно намалување на каматните стапки за четвртина процентен поен на состанокот во септември.

Неговото спомнување на повеќекратно намалување на стапките беше единственото навестување дека е веројатна серија намалувања, како што предвидуваа економистите. Пауел истакна дека инфлацијата, по најлошиот скок на цените во последните четири децении, сега изгледа главно под контрола: „Мојата доверба се зголеми“, рече Пауел, додавајќи „дека инфлацијата е на одржлив пат до годишна стапка од два проценти“.