
Американските индекси на фјучерси скокнаа за повеќе од 2 проценти во среда наутро, откако САД и Иран се согласија на двонеделно примирје, па Волстрит и другите големи светски берзи очекуваат силен пораст на цените на акциите.
Во вторник, најголемата берза во светот се тргуваше претпазливо, додека инвеститорите чекаа да истече рокот што американскиот претседател Доналд Трамп му го даде на Техеран за отворање на Ормутскиот теснец или САД ќе продолжат со жестоките напади врз Иран.
Индексот Dow Jones ослабе за 0,18 проценти, на 46.584 поени, додека S&P 500 доби 0,08 проценти, на 6.616 поени, а Nasdaq доби 0,10 проценти, на 22.017 поени.
Но, откако Волстрит се затвори, Трамп објави дека се согласил на двонеделно примирје со Иран, помалку од два часа пред рокот што го поставил, што предизвика остар скок на индексите на фјучерси.
Фјучерси на индексот Dow jones се зголемија за повеќе од 960 поени или 2,1 процент утрово, како и S&P 500, додека фјучерси на Nasdaq скокнаа за 2,3 проценти.
Ова најавува силен пораст на цените на акциите на Волстрит во среда, како и на другите големи светски берзи.
Наглиот пад на цените на нафтата ќе има позитивен ефект и врз пазарите, откако Иран објави дека за време на прекинот на огнот ќе дозволи безбедно поминување на танкери низ Ормутскиот теснец, кој е клучен за извоз на нафта од Блискиот Исток.











