Пазарот на вакцини против Ковид-19 ќе вреди над 10 милијарди долари годишно

42

Глобалниот пазар на вакцини против Ковид-19 би можел да достигне вредност од најмалку 10 милијарди долари годишно, проценуваат аналитичарите на Morgan Stanley и Credit Suisse.

Вакцината против актуелната пандемија се очекува значително да ги зголеми приходите на фармацевтските компании чиј развој се финансира од јавни пари.

Проценките на аналитичарите на американската и швајцарската банка се темелат на претпоставка дека секоја година одново ќе треба да се вакцинира населението, како што е случајот против сезонски грип. Во пресметките е земена проценета цена на вакцината од околу 20 долари по една доза. Дури и ако се земе предвид конзервативната проценка според која вакцината против коронавирусот би ја добиле само одредени групи, исто како што е и за грипот, сепак пазарот би вредел барем 10 милијарди долари во развиените земји.

“Моја претпоставка е дека ќе треба да се вакцинираме на годишно ниво. Ковид-19 нема да престане“, вели Метју Харисон, аналитичар на Morgan Stanley за Financial Times.

Некои претпоставки се дека само американскиот пазар на вакцини би вредел околу 10 милијарди долари годишно.

Пандемијата би била одлична прилика за развој на фармацевтската индустрија којашто во последните осум месеци добивала милијарди долари за развој на вакцини од различни влади. Тоа покажува и како приватниот сектор може да профитира од јавно финансирање.

Додека трае пандемијата, сите компании што ќе успеат да развијат вакцина ќе добијат свое место на пазарот.

ФОто: Freepik