Пехар и 13 медали за готвачите на Гастро Мак на гастрономски фестивал во Хрватска

145

gotvaci gastro mak

Пехарот Куп бисер мора 2016 и 13 медали заминаа во рацете на готвачите од здружението на готвачи Гастро Мак од Македонија, во рамки на 11-от гастрономски фестивал Бисер мора 2016 што се одржа во Супетар на Брач, Хрватска.

“Македонскиот национален тим се врати со пехарот Куп Бисер мора 2016 и освоени 13 медали, од кои седум златни, пет сребрени и еден бронзен медал. Тимот на Гастро Мак се натпреваруваше во сениорска конкуренција во пет категории: подготвување на рижото, вегетаријанско јадење, пилешко, јагнешко и подготвување на риба“, стои во соопштението.

Никола Мишковски, капитен на тимот на Гастро Мак, шеф на кујна во ресторанот Камник, доби златни медали во категоријата подготовка на риба и вегетаријанско јадење и сребрен медал во подготовка на рижото. Бобан Симоновски, шеф на кујна во ресторанот Скара бар, доби златни медали за подготовка на риба и јагнешко, како и диплома за подготовка на пилешко. Зоран Андонов, шеф на кујна во ресторанот Албис од Гостивар, доби златни медали за подготовка на јагнешко и пилешко месо. Дејан Карапеев, шеф на кујна во ресторанот Фрути ди маре, доби златен медал во категоријата подготовката на риба и сребрени медали за подготовка на јагнешко и вегетаријанско јадење. Бобан Билбиловски, шеф на кујна во ресторанот Електра гарден од Тетово, доби сребрен медал во категоријата подготовка на риба и диплома за подготовка на пилешко. Ментор на тимот на Гастро Мак на овој натпревар беше Марк де Јонг, шеф на кујна и интернационален консалтинг.

Капитенот на тимот на Гастро Мак, шеф Никола Мишковски во финалето влезе со најголем број на бодови и согласно оценката на интернационалното жири го освои првото место и пехарот Куп Бисер мора 2016.

hrana makedonska

Согласно правилата во финале за највисоката награда Куп Бисер мора 2016, се натпреваруваат 5-те највисоко оценети натпреварувачи кои во претходните три категории на натпреварувањата освоиле најголем број на бодови. Во финалето натпреварувачите добиваат Black box – намирници што не им се познати однапред и од истите е потребно да подготват предјадење, главно јадење и десерт.

Воедно, шеф Никола Мишковски ја доби титулата Мајстор готвач на SKMER. Ова признание се добива за исклучителните вештини, знаење и посветеност во унапредувањето на еногастрономската култура.

Македонскиот тим се натпреваруваше во конкуренција на готвачи и шефови на кујни од 20 земји учеснички на годинашниот натпревар и тоа од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Македонија, Словенија, Грција, Словачка, Полска, Украина, Турцијa, Австрија, Русија, Исланд, Индија, Велика Британија, Италија, Белорусија, Јапонија, Албанија.

Извонредниот настап на шефовите на кујни од Македонија беше заокружен со подготовка на Македонската вечер, на која готвачите подготвија за над 350 учесници на фестивалот. Гостите во духот на традицијата беа пречекани со домашна погача и сол, а на трпезата беа застапени многубројни традиционални јадења од познатото тавче гравче, мусака, турлитава, компир манџа, повеќе видови меса подготвени на традиционален начин како и познатите пинџур, ајвар, макало, македонски кашкавал и сирење. Во делот на десертите беа послужени слатко до смокви, кадаиф, баклава и раванија. На воодушевување на гостите вкусната храна подготвена од врвните македонски готвачи беше надополнета со големиот избор на македонски вина од винариите Стоби, Далвина, Виналија визба Валандово и познатите вина и струмичка мастика на Грозд Струмица.