Пендаровски: Нова вонредна состојба од 30 дена

23

Претседателот Стево Пендаровски денеска соопшти дека ќе донесе нова одлука со која би се прогласила вонредна состојба на целата територија на државата и во наредните 30 дена, поради пандемијата на коронавирусот Ковид-19.

Досегашната вонредна состојба, која беше прогласена на 18 март, а завршува денес, формално правно не може да се продолжи бидејќи за тоа нема уставен основ, а Собранието не работи, појасни Пендаровски.

Одлуката ја соопшти по одржувањето на 5-та седница на Советот за безбедност, посветена на вонредната состојба воведена заради заштита и справување со епидемијата со коронавирусот.

“Согласно направените проценки за периодот кој следи, јасно е дека е потребно повторно прогласување на вонредна состојба. Одлуката ќе ја донесам согласно моите уставни надлежности и ќе трае во следните 30 дена. Но, ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори во државата јасно и јавно да ги кажат своите ставови по ова прашање, затоа што на средината на мај ќе ги имаме истите правни дилеми пред себе“, изјави Пендаровски.

Според него, со претстојниот полициски час кој ќе започне утре попладне, а ќе заврши во вторник наутро, државата спаѓа во групата на земји со најригидни мерки во Европа.

“Имаме позитивен развој на настаните во Дебар и Центар Жупа, каде се укинува, односно завршува кризната состојба. Но, за жал, ситуацијата во Куманово се усложнува, поради што таму се распоредени дополнителни човечки ресурси и заштитен материјал. Мојот став е дека за ситуацијата во Куманово ќе треба посебен фокус и внимание и можеби многу брзо ќе треба таму да го примениме успешниот модел од Дебар и Центар Жупа, со оглед дека се работи за општина со над 100.000 жители и со самото тоа претставува огромен потенцијал за ширење на вирусот“, смета Пендаровски.

Поради ова, тој ја охрабри Владата по празникот да размисли за фазно, постепено враќање на економската активност во нормала, бидејќи како што истакна, државата и целиот свет ќе мора да научи да живее со вирусот подолг временски период.

На денешната Седница за безбедност присуствувале претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министрите за внатрешни и за надворешни работи, Наќе Чулев и Никола Димитров и професорите Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ.

Министрите Венко Филипче и Бујар Османи, пак, иако беа поканети, не присуствуваа бидејќи од денес тие се во самоизолација откако градоначалникот на Куманово, со кого комуницирале деновиве, се зарази од Ковид-19.