Permira ги купува Dr. Martens за 300 милиони фунти

24

martinsiПриватниот инвестициски фонд Permira, сопственикот на Hugo Boss, вчера се согласи да ја купи британската фирма што го поседува брендот Dr. Martens за 300 милиони фунти. Договорот со R. Griggs Group што ги поседува Dr. Martens, треба да се заврши до јануари. Трансакцијата подразбира и преземање на малиот погон на северот на Велика Британија, каде се уште се произведуваат ограничени серии на “мартинки”.

Фамилијата Григс произведува чизми уште од 1901 година. Брендот Dr. Martens е креиран во 1960 година, во соработка со двајца германски иноватори и набрзо станува синоним за британската рок култура.

“Permira фондот го почитува тоа наследство и сака да го поддржи менаџерскиот тим во негово негување”, изјави Дејвид Саденс, главен извршен директор на Dr. Martens во соопштението.

Аквизицијата на Dr. Martens значи уште едно силно име во портфолиото на Permira. Приватниот фонд веќе има инвестиции во брендот Hugo Boss, шпанскиот Cortefiel и британскиот New Look. Минатата година, Permira го продаде луксузниот бренд Valentino на Катарскиот фонд.

“Permira фондот има долгогодишно искуство во поддршка на глобални брендови, како што покажа со Hugo Boss и Valentino и со нетрпение очекуваме да го поддржиме менаџерскиот тим во оваа возбудлива следна фаза на развој на компанијата”, изјави Шерил Потер, шеф на потрошувачкиот оддел на Permira.