ПЕРСЕПЕКТИВА НА ИНВЕСТИЦИИ во акции на фармацевтски компании: „Модерна“ преценета, „Фајзер“ и „Бајонтек“ на пресвртница

166

Неколку производители на вакцини против коронавирус остварија огромни финансиски придобивки оваа година. Вредноста на акциите на „Бајонтек“ порасна повеќе од четири пати, акциите на фармацевтската компанија „Модерна“ зајакнаа за околу 270 проценти, додека фармацевтскиот гигант „Фајзер“ доби околу 30 отсто плус од вредноста на нејзините акции.

Берзанските аналитичари се согласуваат дека вредноста на акциите на овие три компании ќе ослабнат во следните 12 месеци, додека инвеститорите треба да инвестираат во акции на „АстраЗенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Новавакс“, кои досега не беа во првите редови, ниту пак беа одобрени за употреба во сите земји, известува „MotleyFool“.

Аналитичарот на Банката на Америка, Џеф Мичам, минатата недела изјави дека вредноста на акциите на „Модерна“ е „неоправдано висока“ и треба да биде околу 75 проценти пониска од сегашното ниво, пренесува „MarketWatch“. Компанијата беше проценета на 195,56 милијарди долари во првата половина на август, откако вредноста на нејзините акции порасна за повеќе од 17 проценти за еден ден.

Мичам изјави дека иако вакцината „Модерна“ значајно придонесе за глобалното закрепнување, мора да се исполнат два (невозможни) услови за да се оправда вредноста од близу 200 милијарди долари. Прво, дека компанијата ќе испорача 1,5 милијарди дози од вакцината до 2038 година, и второ, сто проценти веројатност за успех во тестирање на нови производи, што гарантира годишна продажба од 30 милијарди долари. Во последните четири квартали, вкупниот приход на „Модерна“ изнесуваше околу седум милијарди долари.

Кога станува збор за „Фајзер“ и „Бајонтек“, или нивниот заеднички производ – вакцината против коронавирус, научниците се фокусирани на ефективноста на неговата употреба во Израел, каде што 80 проценти од возрасните добија две дози, а бројот на заразени во таа земја се искачи на највисоко ниво на февруари. Додека јавноста се подготвува за уште едно потенцијално „затворање“, забрзаната вакцинација на населението со третата доза ја претставува последната надеж дека ширењето на инфекцијата може да се запре.

Експертите велат дека тестовите на крвта кај вакцинираните луѓе покажале дека заштитата што ја даваат две дози на вакцина „Фајзер/Бајонтек“ исчезнува побрзо од очекуваното и дека ризикот од „продорни инфекции“ се зголемува. Израел, со највисока стапка на вакцинација во светот, не успеа да избегне проширување на инфекцијата со делта варијантата на „Ковид-19“, бидејќи нивото на вакцинирани антитела значително се намали до јуни.

Министерството за здравство на Израел објави дека студиите покажале дека ефикасноста на вакцината „Фајзер/Бајонтек“ паднала на 39 проценти, а за оние кои ја примиле втората доза во јануари на само 16 проценти, пренесе ФТ. Други меѓународни студии, исто така, покажаа дека ефективноста на оваа вакцина брзо опаѓа по четири месеци од земањето на втората доза.

„Фајзер“ во својот финансиски извештај за второто тримесечје оваа година наведе раст на приходите за 92 проценти во споредба со истиот квартал во 2020 година. „Бајонтек“ забележа профит од 2,79 милијарди долари во истиот квартал во споредба со загубата од 88,3 милиони долари во вториот квартал минатата година. Заработката по акција изнесуваше 10,77 евра во однос на загубата од 0,38 евра во периодот април-јуни минатата година. За да се продолжи со растот на вредноста на двете споменати компании, ефикасноста на третата доза на вакцината би требало да биде исклучително висока, но засега нема индикации дека тоа ќе се случи.

Аналитичарите на берзите, од друга страна, веруваат дека инвестирањето во акциите на „АстраЗенека“ треба да биде добра инвестиција, не само затоа што се очекува нивната вакцина против коронавирус да биде одобрена за употреба во Соединетите држави, туку и поради ефективните лекови за дијабетес и развојот на лекови против ракот. Според прогнозите, акциите на „АстраЗенека“ треба да зајакнат за не помалку од 13% до крајот на годината.

За разлика од „АстраЗенека“, „Џонсон и Џонсон“ има дозвола да ја користи својата вакцина во Соединетите држави. И покрај проблемите во производството и случаите на предизвикување згрутчување на крвта, вакцината против Ковид-19 е се уште важен адут на компанијата, но веројатно не и најважниот. Сегментот за производство на медицински уреди се опоравува силно од падот на продажбата предизвикан од пандемијата, а развојот на роботски хируршки системи треба да овозможи дополнителен раст.

Акциите на „Новавакс“ се уште се релативно евтини, бидејќи се уште официјално не побарал одобрение за користење на вакцината во Европската унија и САД, како и на многу други големи пазари. Аналитичарите на берзата, сепак, се оптимисти за изгледите на „Новавакс“, предвидувајќи пораст на вредноста на акциите за 14 проценти до крајот на оваа година.