Пет илјади македонски компании добиле помош од Европската мрежа на бизнис можности

40

stopanska-komoraФото: Стопанска комора на Македонија

Европската мрежа на бизнис можности преку македонскиот национален конзорциум помогнала на над 5.213 домашни компании, 489 од нив учествувале на локални и на регионални настани организирани од ЕЕН Македонија, а 119 компании добиле индивидуална поддршка за партнерство преку експертите од мрежата. Организирани биле 23 деловни средби, на коишто македонските компании оствариле 227 средби со партнери од странство. Преку мрежата, 137 странски компании покажале интерес за соработка со македонски компании, при што биле остварени 36 партнерства.

Ова е заклучокот за ефектите и резултатите од 10-годишното успешно работење Европската мрежа на бизнис можности презентиран на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија.

Годишно, во просек повеќе од 250.000 мали и средни претпријатија добиваат некаква услуга од партнерските организации на мрежата, при што просечно 52.000 мали и средни претпријатија добиваат совети од експертите во мрежата во насока на унапредување на нивната иновативност, раст и интернационализација, додека повеќе од 20.000 претпријатија преку мрежата учествуваат на меѓународни настани, форуми и средби. Мрежата има за цел да им овозможи на претприемачите што полесно и што побрзо да пронајдат партнери на европските пазари. Користењето на услугите е целосно бесплатно.

Мрежата е застапена во повеќе од 60 држави и е најголема мрежа за поддршка на мали и средни претпријатија, во чии рамки се вклучени повеќе од 600 партнерски организации и институции, при што повеќе од 3.000 експерти се вклучени во активностите на мрежата, давајќи поддршка и практична помош за компаниите кои сакаат да ги освојуваат европските пазари.

Стопанската комора на Македонија е дел од Европската мрежа на бизнис можности, преку Националниот конзорциум во којшто, покрај Комората, партнери се и Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување – МИР.