Пет најважни лекции во кариерата

28

kariera

Фото: Pixabay

Кога влегувате во професионалниот свет, мислите дека кариерата ќе ви оди по нагорна права линија. Ќе најдете работа што ви годи, напорно ќе работите и ќе бидете наградени за тоа. Но, работите не се толку едноставни. Патот не секогаш е прав, без темни тунели и тесни и опасни кривини. Додека го одите тој пат, ќе научите тешки лекции за својата кариера. Бизнис инсајдер пишува за најтешките, но и најчести лекции што мора да се совладаат.

Бидете си адвокат сами на себе

Премногу вработени очекуваат дека компанијата ќе ги забележи нивниот талент и напорот што го вложуваат и за тоа ќе бидат дополнително наградени. И ќе си седат мирни чекајќи, без ништо да превземат. Бидете си свој адвокат и заложете се за себе кога сметате дека има потреба.

Репутацијата е важна. И тоа многу

Понекогаш луѓето се прашуваат зошто треба да работат многу и да даваат се од себе, а притоа да не добијат признание за тоа. Причината? Не го правите тоа за работодавачот, туку за себе. Градејќи ја репутацијата, правите безбедносна мрежа за себе. Така работодавачите ќе сакаат да ве вработуваат, поранешните менаџери ќе ве препорачуваат и ќе ве поврзат со потребните луѓе за да напредувате во кариерата. Репутацијата е највредната валута што ја имате.

Лошиот шеф може да ја расипе и најдобрата работа

Може да ја сакате својата работа, да ја работите со страст и ентузијазам, да ви се погодени колегите, но да имате лош шеф. Тогаш ништо од ова не е важно. Лошиот менаџер може да направи да се чувствувате мизерно, дури и ако не сте во директен контакт со него. Затоа, пред еуфорично да прифатите било каква работа, распрашајте се за менаџментот.

Идеална работа не постои

Можеби од секогаш сте сонувале да работите во одредена компанија, верувајќи дека таа работа ќе ги исполни вашите соништа. Но, никогаш не можете да знаете како е внатре, се додека не влезете во компанијата. Многу луѓе се сведоци за тоа дека нивната работа од соништата се претворила во кошмар поради лошиот шеф, неподносливите колеги, часови и часови работа без да си ја видат фамилијата.

Дипломата не е секогаш од помош

Дипломите не се веќе клучот што ги отвора вратите кон подобро вработување. Многу дипломци се соочуваат со фрустрации кога ќе откријат дека со и со диплома имаат проблем да ја добијат работата што ја сакаат, а во многу случаи, да добијат било каква работа. Во последно време предност му се дава на искуството, па оние што не работеле додека студирале, многу потешко ќе се изборат да добијат добро работно место.