Пет нови земји влегуваат во БРИКС

128

Новите членки на БРИКС ќе бидат Аргентина, Иран, Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати, објави бразилскиот информативен портал UOL, повикувајќи се на нацрт финалниот документ на самитот.

Според него, новите земји учеснички биле одредени географски.

– БРИКС ќе објави проширување на организацијата за уште пет земји. На конечната листа на земји се Саудиска Арабија, Аргентина, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Египет – се наведува во извештајот.

Како што пренесува порталот, за да се одржи географската рамнотежа, на листата може да се најде уште една африканска земја.

Самитот на земјите од БРИКС завршува денеска во Јоханесбург со официјалното објавување на листата на земји кои ќе бидат примени во групата.

Домаќинот на самитот, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза ќе соопшти кои земји ќе се приклучат на БРИКС.

Атрактивноста на визијата на БРИКС за мултиполарен свет и алтернатива на западната хегемонија говори и фактот што повеќе од 20 земји официјално аплицираа за членство во групата, додека повеќе од 40 изразија интерес.

Лидерите на БРИКС вчера се договорија за условите и принципите за проширување на групата, како и за тоа кои членови ќе бидат први примени.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека московската страна е подготвена да помогне во проширувањето на групата. Идејата за проширување на БРИКС беше поддржана од бразилскиот лидер Луис Инасио Лула да Силва, индискиот премиер Нарендра Моди и јужноафриканскиот претседател Рамафоса.

Во исто време, кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика земјите-членки на БРИКС да го забрзаат процесот на прифаќање нови членки.

За време на самитот беше договорена поинтензивна употреба на локалните валути како чекор кон заедничка, БРИКС валута, а се разговараше и за нови членки на Новата развојна банка – се очекува во банката БРИКС да бидат примени пет нови членки.

– Создавањето валута за трговски и инвестициски трансакции меѓу членките на БРИКС ги зголемува нашите можности за плаќање и ја намалува нашата ранливост – изјави Лула да Силва во Јоханесбург.

Посебна тема на самитот беше подобрувањето на соработката со африканските земји и зајакнувањето на локалните економии.

Фото: Facebook