Пет тајни за успешен јавен настап

1251

Сите сме се нашле во ситуација во којашто се барало од нас да имаме некаков јавен настап или да говориме пред публика макар тоа биле само три колеги од нашиот сектор на кои треба да им го презентираме тримесечниот план за работа.

Ретко кој е спремен да застане пред публика или камера и да говори без трема. За најголем дел од луѓето јавниот настап е застрашувачки и често тремата, несигурноста и стравот ги покажуваат со несвесни тикови коишто им го уништуваат кредибилитетот. За среќа и вештините на јавно говорење и презентација се учат и усовршуваат.

Еве пет совети од врвни ПР експерти за поуспешен јавен настап.

1. Добрата презентација (изјава, говор) мора да биде мајсторски скроена по мерка на публиката за којашто е наменета. На кого се обраќате? Публиката што ве слуша лесно ќе препознае дали имате една иста презентација, еден ист говор за сите прилики или сте се потрудиле својата порака да ја формулирате согласно тоа на кого се обраќате.

Бенџамин Дизраели рекол: Зборувај им на луѓето за нив самите и ќе те слушаат со часови. Пред да го обликувате говорот, презентацијата, изјавата за медиуми итн. запрашајте се: Која е вашата публика? Кои се проблемите и предизвиците на тие луѓе? Што ги интересира? Како вашата порака може да им помогне? Колку публиката знае за темата на која зборувате?

Колку подобро ја познавате публиката на која се обраќате, толку поголем импакт ќе има вашата порака на нив и поголема е веројатноста дека ќе ја добиете посакуваната реакција.

2. Колку често сте виделе некој да дава изјава за медиум или да презентира проект пред колегите од компанијата, а притоа постојано да ги стиска дланките или да ги “крши“ прстите? Меѓу најчестите несвесни тикови се: ставање на рацете во џебови, тропкање со клучеви, кликање на пенкалото, вртење на прстен, нишкање напред – назад, поправање на косата или облеката, стискање на говорницата или микрофонот, подгрбавен став со рацете на грб итн.

Сите овие навики претставуваат дистракција за публиката и може да го намалат кредибилитетот на говорникот како и да го загрозат приемот на комуницираната порака. Добра вест е што може да се искоренат. ПР експертите препорачуваат обуки за јавен настап и многу вежбање.

Истражувањата покажуваат дека само 2% од луѓето во бизнис заедницата вложуваат доволно време во својата подготовка пред важна презентација во својата фирма“, вели Уна Бејтовиќ, ПР експерт од Босна и Херцеговина, која оваа есен доаѓа во Скопје како предавач во рамки на Лондонската школа за односи со јавност.

Сум обучувала политичари, бизнисмени, владини претставници, луѓе од невладиниот сектор во целиот регион и мојот заклучок е дека најуспешните јавни говорители, луѓето на чии изјави веруваме кога ќе ги видиме во медиумите, луѓето кои секогаш успеваат да ни ја пренесат пораката, се оние кои инвестирале во себе и својата едукација“.

3. Независно колку искуство имаат во јавно говорење, најголем број од луѓето несвесно избегнуваат контакт со очи со своите слушатели. Многу често погледот на говорникот лута по просторијата или скока од слушател на слушател без да запре доволно за навистина да го види и се поврзе со примателот на својата порака. Избегнувањето на говорникот да го погледне слушателот во очи може да биде протолкувано како: неискреност, незаинтересираност, несигурност, превртливост, па дури и ароганција.

“Првиот јавен настап го имав на возраст од пет години, пред публика од 600 луѓе, а најбројна публика пред којашто сум застанал во живо се 90.000 луѓе на улица. Секогаш ми е важно да воспоставам контакт со оние што ме слушаат, во погледот да им видам реакција, разбирање, поврзаност“, вели Огнен Јанески, кој годинава на Лондонската школа  за односи со јавност го споделува своето знаење за јавно говорење, презентациски и ораторски вештини и настап во медиуми, во рамки на Тренингот за јавен настап.

Способноста за визуелно конектирање е едно од најмоќните оружја во арсеналот на луѓето со високо развиени вештини за јавен настап и јавно говорење. ПР професионалците советуваат, поглед полн значење кој трае две до три секунди (или додека да кажете една реченица) може да пренесе многу важни невербални пораки и вашиот слушател да се почувствува како само нему да му се обраќате.

4. Претерувањето со статистики, бројки и податоци често може да биде контрапродуктивно. Разбирливо, кредибилитетот на говорникот зависи од содржината, но често преобременета изјава или презентација е и предолга, неинспиративна и во тек на која говорителот го губи ентузијазмот и енергијата, а со тоа го губи и вниманието на слушателите.

Обидете се да ја конципирате изјава која вклучува доволно информации, факти но и доволно емоции и емпатија. Во презентацијата освен data вклучете и слики, лични приказни, боја, звук, хумор, имагинација. Така ќе бидете поинспиративен говорител кој го задржува вниманието и чија порака ја примаат слушателите.

5. Имате 40 слајда и 20 минути за презентација? Тоа не значи дека треба да ја “протрчате“ целата содржина брзински и без паузи. Секогаш направете пауза пред и по изнесувањето нешто навистина важно што сакате вашата публика да го запамети.

Исто така, направете пауза пред да се префрлите од една на следна клучна поента од содржината.

Осмислете моќен почеток којшто ќе го зароби вниманието на слушателите и завршница којашто нема да биде антиклимактичното “Има ли прашања?“

Секако, искористете ја паузата меѓу почетокот и главното излагање и крајот како реторичка алатка со која ќе им овозможите на своите слушатели да го примат и усвојат она што го слушнале и ќе обликувате позитивна слика за себе како самоуверен и кредибилен говорник.

Фото: Pexels