Пет земји од ЕУ најавија минимален данок од 15 отсто за добивката на мултинационалните компании

41

Пет европски земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, во петокот ја потврдија намерата да воведат минимален данок од 15 отсто на добивката на мултинационалните компании во 2023 година, додека Унгарија го блокира усвојувањето на новиот закон во Европската унија.

„Ако не се постигне едногласност (27 земји на ЕУ) во следните недели, нашите влади се (…) подготвени да ги искористат сите можни правни средства за воведување минимално оданочување во 2023 година“, изјавија  министрите за финансии на група земји на ЕУ,меѓу кои се Шпанија,  Италија и Холандија, пренесува Бета.

„Даночната правда мора да биде приоритет за Европската унија. Ќе воведеме минимално оданочување од 2023 година, преку европски или национални средства“, вети францускиот министер Бруно Ле Мер за време на неформалната средба со своите колеги во Прага.

„Во Германија донесовме одлука да спроведеме минимален данок на национално ниво доколку нема европски договор“, изјави германскиот министер за финансии Кристијан Линднер.

Минималното оданочување на мултинационалните компании е, според петте земји, „клучен лост за зајакнување на даночната правда преку поефикасна борба против даночното избегнување и затајување“.