Pfizer ја користи Холандија за да плати помалку данок

97

Фармацевтскиот производител Pfizer користи компании од Холандија за да плати помалку данок, објави холандската платформа за истражувачко новинарство – Follow the money.

Според нив, Pfizer користи сложена конструкција на компании, распоредени по различни земји кои се познати како даночни раеви, како што се Ирска, Луксембург, Холандија и американската држава Делавер. На тој начин, користејќи ги постоечките закони, компанијата плаќа помалку данок, без да ги прекрши законите или да затајува данок.

Голем дел од активностите на Pfizer надвор од САД се под холандската компанија C.P.Pharmaceuticals CV (CPPI), којашто има сопственичко учество во околу 350  компании ширум светот. Иако во фискалната 2018-2019 година, компанијата остварила добивка од 10,7 милијарди евра, компанијата не платила данок во Холандија. Остварениот приход е уплатен на стотина фирми подружници, кои платиле данок во земјите каде што се регистрирани, со што во Холандија е избегнато плаќање на данок.

Pfizer во овој момент е познат по вакцината против коронавирусот што ја разви заедно со германски BioNTech. Вакцината масовно се користи во повеќе земји во светот, а претставници од концернот на почетокот на мај изјавија дека на почетокот на годината очекуваат приход од 26 милијарди долари само од продажба на вакцините. Колкава ќе биде добивката на Pfizer уште не е познато. Сепак, компанијата од вакцини остварува разлика во цени од над 20%, со што може да смета на добра добивка.

Фото: Pexels