На Окружниот суд во Љубљана започна постапка за тужби на фирмите од групата Пивоварна Лашко против државната агенција за заштита на пазарната конкуренција и бараат оштета затоа што во 2011 година биле спречени на хрватски Агрокор да му продадат акции од Меркатор, пишуваат словенечките медиуми, пренесува Seebiz.
Фирмите ја тужат државата и тогашниот директор на агенцијата Дамјан Матичич, затоа што во 2011 година, кога сакале на Агрокор да му продадат акции од Меркатор по цена од 211 евра по акција, им било забрането располагање со акциите и со тоа била запрена продажбата. Фирмите бараат оштета од 59,2 милиони евра.
Агенцијата во 2011 година на Пивоварна Лашко, Унион, Раденска, Нова љубљанска банка, Нова кредитна банка Марибор, Банка Цеље, Горењска банка и Абанка им забрани пренос на сопственоста на акциите на Меркатор.
Подоцна врховниот суд утврдил дека ваквото решение било незаконско.
Агрокор за една акција на Меркатор во 2011 година нудеше 211 евра, а договорот за продажба на Меркатор потпишан минатата година предвидува цена од 120 евра по акција.