Хрватски Плинакро и руски Газпром, денеска во Загреб потпишаа План на активности за спроведување на проектот градење на крак на гасоводот Јужен тек на територијата на Хрватска. Свои потписи на Планот ставија претседателот на управата на Плинакро, Младен Антуновиќ и заменик главниот извршен директор на Газпром експорт, Александар Медведев. Со тоа и формално е потврден интересот за заедничко учество во проектот и утврдени се обврските што ќе ги има секоја од страните во периодот од 2013 до 2016 година.
Според договорот, до јули треба да се основа заедничка фирма Јужен тек во која секоја страна ќе има сопственост од 50%. Почетокот на изградбата се очекува во јули 2015, а во декември 2016 треба да се пушти во употреба. Во заедничката компанија секоја страна ќе вложи темелен капитал, односно 30% од вкупната инвестиција вредна 60 милиони евра.
Преку овој крак со должина од 100 километри, Хрватска ќе добива 2,7 милијарди кубни метри гас годишно. Се очекува овој проект да придонесе за сигурност во набавката на гас за Хрватска, а се претпоставува дека рускиот гас ќе биде поевтин од оној што сега се користи во оваа земја.
Газпром планира да изгради и термоцентрала на гас во Хрватска и во рамките на тој проект не сакаат да бидат само доставувачи, туку и да учествуваат во изградбата, производството и дистрибуцијата. Русите покажале интерес и за експлоатација и истражување на нови нафтени и гасни полиња во Хрватска.