Плива донираше над 500.000 денари на Клиниката за хематологија во Скопје

42

pliva-logo

Фармацевтската компанија Плива на Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје додели донација вредна над 500.000 денари, во рамките на процесот за модернизација, зголемување на функционалноста на Клиниката и подобрување на условите за третман на пациентите, јавува Миа.

“Донацијата на Плива е од суштинско значење за современа дијагностика и лекување на малигните хематолошки пациенти и следење на ефектите на терапијата. Се однесува на обезбедување на комплетно автоматизиран молекуларно дијагностички систем којшто ќе биде употребуван во дијагностички цели за пациентите“, изјави директорката на Клиниката за хематологија проф. др. Лидија Чевревска.

Оваа донација, според неа, многу ќе го подобри квалитетот на услугата, за што изрази благодарност од страна и на пациентите и на целиот персонал на Клиника за хематологија.

“Преземаме активности за да им помогнеме на докторите и медицинскиот персонал во заедничката грижа за пациентите. Со оваа донација ја продолжуваме нашата определба и препознатливост на високо одговорна општествена компанија, респектабилен производител кој гради партнерски однос и води грижа за потребите на заедницата“, изјави директорот на Плива Скопје, Петар Велкоски.