По 20 години доцнење почнаа работите на европскиот „Суецки канал“

117

Започнаа работите на францускиот канал Сена-Северна Европа (Seine-Nord Europe Canal (SNEC)), главна нова европска трговска рута.

Кога ќе биде завршен во 2030 година, огромниот инфраструктурен проект од 107 километри значително ќе го зголеми капацитетот за поевтина, побрза и помалку загадувачка речна трговија меѓу Франција, Белгија и Холандија.

Новиот канал широк 54 метри ќе зафаќа дел од водениот пат Сена-Ескаут и ќе ја создаде првата речна мрежа во Европа со капацитет за сместување на големи бродови. Ќе го поврзе сливот на реката Сена со главните водни патишта на северна Франција и Европа.

Во моментов, протокот на трговија меѓу трите нации зависи од ограничениот капацитет на Канал ду Норд ( Canal du Nord). Застарениот речен систем се бори со новата генерација на големи товарни бродови кои ја водат меѓународната трговија.

И покрај итната потреба за нова трговска рута и проектот за каналот кој доби зелено светло уште во 2003 година, децениските политички судири и несогласувања околу финансирањето и конечната рута на каналот го закочија напредокот, пренесува Euronews.

Аналитичарите сугерираат дека новата рута може да отстрани околу еден милион тешки товарни возила од француските патишта секоја година. Големината на зафатот опфаќа дури шеесет мостови, три канални моста, седум брави и 700 хектари еколошки насади.

„Каналот Сена-Северна Европа не само што ќе овозможи модална промена од пат во река, туку и ќе создаде дополнителна економска, логистичка, земјоделска и климатска вредност за териториите низ кои минува. Ние сме многу горди што помагаме во промовирањето на речен транспорт, високо ефикасен, еколошки и економичен начин на транспорт кој одговара на предизвикот на енергетската транзиција“, рече Николас Леду, извршен директор на Arcadis France, која го води проектот.

Аркадис Франс исто така верува дека развојот на каналот не само што ќе ги поттикне националните економии, туку и ќе го поттикне растот на локалните економии во областите низ кои минува.

SNEC е инвестиција од 5,1 милијарди евра на француската влада, локалните власти и ЕУ во економската и еколошката иднина на регионот.