По бурните реакции за првото електрично Ферари, си заминува еден од клучните луѓе на компанијата, а пристигнува поранешниот директор на БМВ

Ферари менува еден од клучните луѓе во своето раководство само неколку недели по бурното претставување на моделот Luce, првиот целосно електричен автомобил во историјата на познатиот италијански производител.

Енрико Галиера, директор за маркетинг и комерцијални работи, кој беше задолжен за глобалното позиционирање на брендот повеќе од 16 години, ја напушта компанијата, а Масимилијано Ди Силвестре, поранешен директор на BMW за италијанскиот пазар, го наследува.

Ди Силвестре ќе ја преземе функцијата на 1 јули и ќе му поднесува извештаи директно на извршниот директор Бенедето Виња.

Промената доаѓа во чувствителен момент за Ферари. Премиерата на Луче, првото електрично Ферари, предизвика невообичаено негативна реакција кај купувачите, колекционерите и инвеститорите. Дизајнот на автомобилот, создаден во соработка со студиото LoveFrom на поранешниот дизајнер на Apple, Џони Ајв, беше радикално отстапување од традиционалниот дизајнерски јазик на Ферари.

Критики од сите страни
Реакцијата на пазарот беше брза. Акциите на Ферари изгубија повеќе од осум проценти од својата вредност во еден трговски ден, додека критиките дојдоа од самиот врв на автомобилската индустрија. Поранешниот претседател на Ферари, Лука Кордеро ди Монтеѕемоло, предупреди дека компанијата ризикува да го оштети идентитетот на еден од највредните брендови на автомобили во светот, па дури и изјави дека амблемот на Ферари треба да се отстрани од новиот модел.

Сомнежи за стратегијата изрази и италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, кој ја доведе во прашање цената на електричниот модел со четири врати од најмалку 550.000 евра.

Сепак, Ферари отфрла каква било поврзаност помеѓу негативните реакции на Луче и заминувањето на Галиера. Компанијата тврди дека одлуката е донесена многу пред презентацијата на автомобилот и дека Галиера останал на функцијата за да го заврши лансирањето на моделот пред да започне ново поглавје во својата кариера, пишува Euronews.

Нова фаза на развој
Извршниот директор Бенедето Виња му се заблагодари за неговиот долгорочен придонес и ја опиша промената како дел од природната еволуција на компанијата, а не како последица на неодамнешните настани.

Сепак, изборот на неговиот наследник открива колку сериозно Ферари пристапува кон новата фаза на развој. Ди Силвестре има повеќе од дваесет години искуство во премиум автомобилскиот сегмент, а од 2019 година ги води операциите на BMW во Италија. Тоа е редок потег за Ферари, кој една од најважните комерцијални функции му ја довери на менаџер од конкурентска автомобилска компанија, наместо на сопствениот персонал.

Новиот директор ќе се соочи со еден од најголемите предизвици во поновата историја на Ферари – убедување на клиентите да прифатат целосно електрично Ферари во време кога интересот за електрични спортски автомобили се намалува на глобално ниво.

Компанијата сè уште тврди дека интересот за моделот Luce останува силен, но инвеститорите ќе ги добијат првите поконкретни индикатори на 30 јули, кога Ferrari ќе ги објави резултатите од вториот квартал.