По десетгодишната експанзија германскиот БДП падна 5% минатата година

12

Германската економија забележа пад од 5% во пандемиската 2020 година, ставајќи крај на десетгодишната експанзија, откако мерките за заклучување задушија голем дел од деловната активност и потрошувачката, покажуваат податоците на Федерален завод за статистика (Destatis).

Колку и да е мрачна оваа бројка, падот е помал отколку што предвидуваа многу аналитичари, а високата стапка на раст на заштедите сугерира дека потрошувачите би можеле да бидат подготвени да започнат силно економско закрепнување кога конечно ќе се укине блокадата.

Според Destatis, само германскиот градежен сектор порасна минатата година, додека индустриското производство и услужниот сектор длабоко потонаа. Земјоделството, финансиските услуги, недвижностите, информатичките и комуникациските сектори претрпеа благ пад.

Алберт Бракман, шеф на групата за економски проценки и цени, вели дека приватната потрошувачка “може значително да порасне“ во наредниот период, имајќи предвид дека стапката на заштеди на населението во Германија се зголеми за рекордни 16,3% во текот на 2020 година.

Германската економија минатата година помина подобро од некои други членки на еврозоната. Според Destatis, Франција паднала за 9,4%, Италија за 9,9%, а Шпанија која е зависна од туризмот за 12,4%, при што се додава дека официјалната статистика на тие земји треба да биде објавена на почетокот на февруари.

Официјалните лица на Destatis исто така проценија дека економскиот пад на САД минатата година бил 4,6%, а кинеската економија пораснала за 2,1%.

Минатогодишниот пад на германскиот БДП предизвикан од пандемијата, кој прекина една деценија од нејзиниот раст, е помал од оној забележан за време на глобалната финансиска криза во 2009 година, кога најголемата европска економија потона за 5,7%.

Фото: Pixabay