По неизвесното тргување, Волстрит порасна

55

На Волстрит во средата берзанските индекси пораснаа, но по многу нестабилно тргување бидејќи инвеститорите не се сигурни уште колку ФЕД ќе ја зголеми цената на парите и колку долго каматните стапки ќе останат на покачени нивоа.
Dow Jones зајакна 0,10 отсто, на 31.135 поени, додека S&P 500 порасна за 0,34 отсто, на 3.946 поени, а индексот Nasdaq 0,74 отсто, на 11.719 поени.

По остриот пад од претходниот ден, пазарот вчера малку се смири, но се тргуваше нестабилно бидејќи инвеститорите се неизвесни за зголемувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка.

Како што покажа извештајот еден ден претходно, инфлацијата во САД во август беше 8,3 отсто, повисока од очекуваното, па надежите на инвеститорите дека ФЕД ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки исчезнаа.

Всушност, имаше шпекулации дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен на седницата во септември.

„Инвеститорите денеска си ги лижат раните, по остриот пад на пазарот претходниот ден. Дебатата за инфлацијата продолжува, а податоците не потсетија дека битката со инфлацијата е тешка и дека ФЕД треба да биде агресивен за да ги спречи инфлациските притисоци“, рече Рајан Детрик, стратег во групацијата Карсон.

Инвеститорите стравуваат дека подолг период на затегнување на монетарната политика ќе ја доведе економијата во подлабока рецесија.

Технички, американската економија веќе западна во рецесија, имајќи предвид дека во последните два квартали паѓа на квартална основа, но засега оваа рецесија е плитка.

И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 1,47 отсто, на 7.277 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,22 отсто, на 13.028 поени, а париски CAC 0,37 отсто, на 6.222 поени.