По рекордниот август, Волcтрит влегува во септември, историски најтешкиот месец за берзата

Инвеститорите, по значителните августовски добивки на пазарите во Соединетите Американски Држави и во Европа, денес влегуваат во септември, месец кој историски се смета за најнеповолен период за акциите.

Додека индексот S&P 500 надмина 6.500 поени на крајот на август и достигна нов рекорд, а Dow Jones и Stoxx Europe 600 исто така остварија повеќемесечни добивки, историјата предупредува дека септември често носи пад на индексот.

Во Европа, банките беа најголемите победници во август. Акциите во банкарскиот сектор достигнаа нивоа невидени од финансиската криза во 2008 година, а германската Комерцбанк е предводник со раст од повеќе од 100 проценти од почетокот на 2025 година. Акциите на компанијата во медиумскиот сектор, сепак, паднаа за повеќе од осум проценти во последните два месеци.

Инвеститорите се поделени во своите очекувања. Швајцарската UBS очекува континуиран оптимизам на пазарот со „меко слетување“ на економијата, солидни корпоративни резултати и пониски каматни стапки во текот на следните 12 месеци.

Спротивно на тоа, економистите од британската банка Барклис предупредуваат на забавување во втората половина на 2025 година, иако очекуваат закрепнување на глобалниот раст во 2026 година.

Претстојните настани би можеле да ги насочат пазарите. Европската унија денес објавува податоци за невработеноста, по што следуваат податоци за инфлацијата во вторник, а информации за економскиот раст во Еврозоната и извештајот за вработеноста во САД во петок.

На политичкиот фронт, на 8 септември, Франција очекува гласање за доверба на владата, додека Европската централна банка ќе донесе одлука за монетарната политика на 11 септември.

Федералните резерви ќе одлучуваат за каматните стапки на 16 и 17 септември, а претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ќе престојува во официјална посета на Велика Британија на 17 септември. Еден ден подоцна, на 18 септември, Банката на Англија ќе ја објави својата одлука за каматните стапки.